25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тајван се подготвува за тајфун: Илјадници луѓе избегаа, сите домашни летови откажани

Скоро 3.000 луѓе се евакуирани, а сите домашни летови се откажани додека Тајван денеска се подготвува за пристигнувањето на тајфунот Хаикуи, кој ќе донесе обилни дождови и силен ветер во јужните и источните делови на островот.

Се прогнозира дека Хаикуи ќе стигне до планинскиот и ретко населен југоисточен Тајван доцна попладне во недела. Во сите градови на споменатиот дел од островот, наставата е откажана, а работниците добија слободен ден.

На граѓаните им се препорачува да избегнуваат излегувања, особено патувања на планина или на брегот“, стои во соопштението од кабинетот на тајванскиот претседател. Тајван ќе биде погоден од тајфун од категорија 1 или 2, што е послаб од тајфунот Саола што вчера ги погоди Хонг Конг и јужната кинеска провинција Гуангдонг.

Тајванската влада соопшти дека досега се евакуирани 2.868 жители, главно во јужниот и источниот дел на земјата. Двете водечки домашни авиокомпании, UNI Air и Mandarin Airlines, ги откажаа сите летови за недела, а откажани се и фериботите до околните острови.

Армијата мобилизираше војници и опрема за да помогнат во евакуацијата на населението, а потоа и во санирањето на последиците од невремето. Откако ќе го помине јужниот дел на Тајван, тајфунот Хаикуи ќе се упати кон Кина.