22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кина ги почна подготовките за воена вежба со Русија

Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека бродовите на кинеската морнарица почнале со подготовки за заеднички вежби со руските поморски сили.

Во вежбата учествуваат повеќе од десет брода и повеќе од триесет авиони, објави кинеската новинска агенција „Ксинхуа“.

Министерството објави дека во вежбата учествуваат разурнувачи со ракети „Киќихар“ и „Гујанг“, фрегатите со ракети „Заожуанг“ и „Рижао“ и бродот за снабдување „Таиху“.

Според извештајот, кинеските бродови носат четири хеликоптери.

Русија во вежбата учествува со фрегатите „Громкиј“ и „Отличниј“, кои веќе седум дена ги пречекуваат посетителите во финансискиот центар на Шангај, најголемиот кинески град и најголемото пристаниште.

Заедничките вежби, чиј дел треба да се одвива во Јапонското Море, се фокусирани на комуникација брод-брод, маневрирање во формирањето и поморско пребарување и спасување.

Кина ја има најголемата морнарица во светот и е значително помоќна од Русија како по големина така и според техничките можности.

Од почетокот на руската инвазија на Украина флотите на овие земји одржаа серија вежби и заеднички маневри.

Воената вежба ќе се одржи во време кога Кина се соочува со обвинувања од западни официјални лица дека ја поддржува руската инвазија додека продолжува тесно да соработува со Москва.