20.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Драма на океан: брод со 200 мигранти исчезна во близина на Канарските острови

Брод со околу 200 мигранти од Сенегал исчезна во близина на Канарските острови, а според невладините организации, на него има многу деца.

Во потрагата по исчезнатите учествуваат шпански спасувачи, а невладината организација „Walking Borders“ наведува дека бродот испловил пред една недела од пристаништето Кафунтин во Сенегал, кое е на околу 1.700 километри од Тенерифе, јавува Би-би-си.

Се додава дека во потрагата учествува и авион, како и дека исчезнале уште два брода со 60 односно 65 лица.

Како што е наведено, рутата од Западна Африка до Канарските Острови се смета за една од најопасните миграциски патишта поради силните струи во Атлантскиот Океан.

Минатата година најмалку 559 луѓе загинаа на море обидувајќи се да стигнат до шпанските острови, соопшти Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ).

ИОМ, врз основа на податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи, наведува дека во 2022 година на Канарските острови пристигнале 15.682 лица, што е за 30 отсто помалку од 2021 година.