18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Каевски: Мицкоски е опкружен со криминалци и води криминална партија, да поднесе оставка

Владејачкиот СДСМ и денес побара оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски поради случајот со проектот „Скопје 2014“.

Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, на прес-конференција кажа дека случајот со спомениците од Скопје 2014 е последен во низата судски предмети кои покажуваат дека ДПМНЕ не е ништо друго освен криминална партија.

„Никола Груевски, Зоран Ставрески, Елизабета Канческа – Милеска, Виолета Аларова, Владимир Тодоровиќ се само дел од лицата обвинети во последниот судски предмет „Феникс“. Овие лица преку мега криминалниот проект Скопје 2014 се товарат дека проневериле околу 16 милиони евра народни пари за поставување на споменици на историски личности. Ете го патриотизмот на ДПМНЕ на дело, незаконски се богателе преку спомениците на Гоце Делчев, на Александар Македонски, на Гемиџиите и Цар Самоил“, рече Каевски.

Според него, случајот со спомениците од проектот Скопје 2014 е само последниот од низата предмети што се покренати против ДПМНЕ, единствената партија во Европа што има конфискуван имот за кој со судска пресуда е докажано дека е нелегално стекнат.

„И додека ДПМНЕ ги прозива независните судски институции јавноста се уште очекува епилог од предметот Делчевски ниви каде се вмешани блиски соработници на Мицкоски. Во пратеничките редови на ДПМНЕ се уште се и обвинетите лица Игор Јанушев и Антонио Милошоски, за чии предмети исто така се очекува епилог“, додаде Каевски.

Како што рече, Мицкоски е опкружен со криминални ликови и осудени лица, па ако барем има и малку доблест, тогаш ќе поднесе оставка од челната позиција во ДПМНЕ. Доколку не го стори тоа, вели Каевски, Мицкоски уште еднаш ќе покаже дека е посветен на одбрана на криминалот и криминалците во своите редови.