25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

„Њујорк тајмс“: Суровикин знаел за планот на Пригожин

Генералот Сергеј Суровикин, заменик-командантот на руските воени операции во Украина, знаел дека водачот на платениците, Евгениј Пригожин, планира бунт против военото раководство на Москва, пишува „Њујорк тајмс“.

„Њујорк тајмс“ се повикува на американски претставници запознаени со американските разузнавачки служби за бунтот на Пригожин и наведува дека функционерите се обидувале да откријат дали генералот Сергеј Суровикин, поранешниот врховен руски командант во Украина, помогнал во планирањето на акциите на Пригожин минатиот викенд“, пренесува „Хина“.

Пригожин замина во егзил во Белорусија во вторникот според договорот со кој заврши кусиот бунт на „Вагнер“ во текот на викендот, а претседателот Владимир Путин ги пофали неговите вооружени сили за избегнување граѓанска војна.

„Њујорк тајмс“ објави дека американските власти исто така рекле дека има знаци оти други руски генерали можеби го поддржувале Пригожин.

Пентагон сè уште не одговорил на барањето на „Ројтерс“ за коментар.

Суровикин, кој руските медиуми го нарекуваат генерал Армагедон, во октомври беше ставен на чело на операциите во Украина, но во јануари рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, го назначи началникот на Генералштабот ,Валериј Герасимов, да ја надгледува кампањата, а Суровикин стана негов заменик.

Пред да почне бунтот Пригожин беснеел и против Шојгу и Герасимов обвинувајќи ги за неуспехот на кампањата и за недостигот на армиска поддршка за борците на „Вагнер“.

Суровикин ја повикал групата на „Вагнер“ да се откаже од бунтот против военото раководство и да се врати во своите бази непосредно пред Пригожин да ги поведе своите борци на таканаречениот марш за правда кон Москва, пренесува „Ал џезира“.