24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Зеленски ја обвини Русија дека планира напад на нуклеарната централа Запорожје: „Светот мора да знае што прави окупаторот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина им доставила на меѓународните партнери целосни информации за ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје и акциите на руските сили.

Тој претходно изјави дека Русија го разгледува сценариото за терористички акт во нуклеарната централа Запорожје и дека веќе има подготвено се за тоа, што Кремљ го демантираше.

„Одржавме брифинг за нашите партнерски земји за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје. Имаше претставници на земјите од Г7 и Г20, како и претставници на меѓународни организации. Овде во Канцеларијата. Дирекцијата на Генералното разузнавање, тимот на Канцеларијата, нашите дипломати обезбедија достапни информации. Нашиот принцип е едноставен: светот мора да знае што прави окупаторот. Секој што знае мора да дејствува – рече Зеленски во вечерното обраќање, пренесува Укринформ.

Тој посочи дека никој во светот не треба да има илузии за Русија „по рускиот терористички напад на ХЕ Каховка и намерните терористички напади врз други брани и енергетски објекти“.

„Русија е таа која сега е глобален центар на цинизмот и од таму може да дојде каква било наредба за секое зло со кое се надеваат дека ќе ја прикријат катастрофата. Светот има доволно моќ да спречи какви било инциденти со радијација, а камоли радијациона катастрофа – посочи Зеленски и додаде дека разузнавачките служби на различни земји можат да дадат соодветни сигнали и да го извршат потребниот притисок.

Тој истакна дека Украина ќе продолжи да ги информира своите партнери, како и дека информациите ќе бидат доставени до оние земји кои одржуваат одредена неутралност.

Кремљ ги отфрли тие обвинувања како „уште една лага“, пренесе „Телеграф“.