14.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Стејт департмент: Г7 го потврди единството и потребата од блиска координација во односите со Кина

Групата седум индустриски сили (Г7) го потврди своето единство и ја нагласи потребата од блиска координација во односите со Кина, објави американскиот Стејт департмент по средбата на државниот секретар Ентони Блинкен (Антони) со претставниците на Г7 во Лондон.

– Групата Г7 укажа на важноста од блиската координација во односот кон НР Кина и потврди дека е пообединета од кога било – се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Блинкен на маргините на конференцијата во Лондон се сретна со претставници на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и Европската унија и ги информираше за неговите средби со лидерите во Кина за време на неодамнешната посета, соопшти Стејт департментот.

Средбата на Блинкен со групата Г7 се одржа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден го нарече кинескиот претседател Си Џинпинг „диктатор“. Кина реагираше и ја нарече апсурдна и провокативна изјавата на Бајден, дадена за време на собирот наменет за собирање финансиски средства за изборната кампања.

Блинкен неодамна ја заврши посетата на Кина со цел да ги стабилизира односите меѓу САД и Кина, за кои Пекинг тврди дека се на најниската точка од воспоставувањето на официјалните врски во 1979 година.

За време на неговата посета на Кина, Блинкен се сретна со Си Џинпинг и двајцата во понеделникот се согласија да ги стабилизираат односите меѓу САД и Кина, за да не прераснат во конфликт. Иако посетата не донесе никаков напредок, двете страни се согласија да го продолжат дипломатскиот ангажман со повеќе посети на американски официјални претставници во наредните недели и месеци.

На неговиот состанок со претставниците на Г7, Блинкен разговарал и за поддршката за Украина во лицето на руската инвазија, според Стејт департментот. Тој во средата се состана со украинскиот премиер Денис Шмихал и разговараше за потребата Украина да продолжи со спроведувањето на реформите за воспоставување инвестициска средина, додаде Стејт департментот.