14.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Фасцинантно е што земјите како Македонија ги блокираат на патот кон ЕУ, а тие пак имаат голем ентузијазам за да влезат во сојузот, вели Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека Хрватска ќе се обиде да ги реши билатералните проблеми со соседните земји без да им го блокира патот кон Европската унија.

„Хрватска има цврста позиција да се обиде да ги реши билатералните прашања, но на интелигентен начин што не ја поставува како пречка која де факто, ако некој сака, никогаш не може да се реши“, рече Пленковиќ на конференцијата посветена на десетгодишнината на влезот на Хрватска во ЕУ.

Тој рече дека „не гледа со симпатии“ кога една земја е забавена на европскиот пат поради билатерални проблеми, бидејќи и Хрватска има искуство од „изгубени неколку години“ поради нерешените прашања со Словенија, како и проблемите со Хашкиот трибунал.

Тие ситуации на блокади се неправедни, создаваат лоша атмосфера“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека затоа Северна Македонија е во најголемиот проблем и дека е „фасцинантно“ што земјите што го доживуваат тоа сè уште имаат висок ентузијазам кога станува збор за влез во ЕУ.

Пленковиќ нагласи дека руската агресија врз Украина го сменила ставот на старите членки кон проширувањето и дека сега веројатно ќе биде побрзо.

„Хрватска ќе биде принципиелна, ќе ги исполни критериумите, но силно ќе ги поддржува земјите на нивниот пат кон ЕУ, бидејќи тоа е исто така важно за стабилноста, развојот и безбедноста“, рече премиерот, додавајќи дека овде треба да се најде „добар баланс“ врз основа на
искуството на Хрватска.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на конференцијата рече дека Хрватска постигнала „неверојатен успех“ во своето десетгодишно членство.

„Тоа се десет години неверојатен успех на една земја во срцето на Европа“, рече таа на конференцијата во Загреб.

Мецола оцени дека овој успех годинава е крунисан со влезот на Хрватска во Шенген зоната и еврозоната.