16.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Топлотниот бран во северна Индија однесе 166 животи: жителите се плашат да излезат надвор

За време на топлотниот бран во северна Индија, 166 лица починаа, а многумина се во болници поради топлотен удар, соопштија властите, кои велат дека ситуацијата се влошува поради прекините на струја.

Индискиот метеоролошки оддел соопшти дека температурата достигнала 43,5 степени Целзиусови во северна Индија. Топлотен бран официјално е прогласен во Индија ако температурата е над 45 степени Целзиусови или ако е најмалку 4,5 степени Целзиусови над нормалата за одредена област.

Во државата Утар Прадеш на северот на Индија, 119 лица го загубија животот поради екстремни горештини, додека 47 смртни случаи се регистрирани во соседен Бихар.

Работник во погребално претпријатие во градот Деорија изјавил дека толку многу луѓе умираат од жештината што тој и неговите колеги работат континуирано.

Жителите на градовите погодени од топлотниот бран велат дека се плашат да излезат надвор.

Најголемата болница во областа Балија во Утар Прадеш повеќе не може да прима пациенти. Мртовечницата е преполна затоа што на жештините починале 54 стари лица, иако од различни причини.

Министерот за здравство Брајеш Патак синоќа изјави дека двочлен тим ќе испита што е причината за големиот број смртни случаи и колку од нив се директно поврзани со горештините.