5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Турската опозиција обвинува за манипулација со пребројувањето на гласовите

Лидерот на Републиканската народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, го повика турскиот Врховен изборен совет да постапи одговорно и да побрза со објавувањето на резултатите од претседателските избори, тврдејќи дека владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган. ја блокира волјата на Турција, пренесува „Ал џезира“.

„Драга моја нацијо, тие го блокираат системот со повторени приговори на гласачките места каде што имаме поголем број гласови. Не можете да го спречите тоа што ќе се случи преку приговори. Нема да дозволиме ‘завршена работа’ “, истакна Киличдароглу од партиското седиште во Анкара во неделата вечерта.

Киличдароглу сепак истакна ќе прифати втор круг и дека ќе победи.

„И покрај сите негови лаги и напади, Ердоган не го доби посакуваниот исход. Никој не треба да биде уверен дека ова е ‘завршена работа’. Изборите не се добиваат на балкон,“ истакна тој, очигледно алудирајќи на обраќањето на Ердоган.

Партијата на Ердоган, од друга страна, го обвини ривалскиот кандидат за „обид за атентат на националната волја“, а портпаролот Омер Челик ги нарече тврдењата на Киличдароглу неодговорни.

Кандидатот-аутсајдер, Синан Оган, исто така се огласи со тврдења дека неговиот табор „слушнал дека се вршат некои манипулации во процесите на пребројување гласови во странство“.

„Нема да дозволиме ‘завршена работа’ со манипулација со странски гласови. Не кревајте тензии. Ова е само до вториот круг“, напиша Оган на Твитер.

Претседателот на Врховниот изборен совет, Ахмет Јенер, ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека ги одложува резултатите, посочувајќи претходно во неделата дека податоците се внесуваат во системот и се споделуваат со медиумите и политичките партии во мигот кога пристигнуваат.

Со преброени повеќе од 99% од гласачките ливчиња, првично удобното водство на Ердоган се намали на 49,4 отсто – нешто под мнозинството од 50% потребни за да се избегне вториот круг, пренесува „Анадолија“. Неговиот главен ривал од опозицијата, Киличдароглу, освои 44,9% од гласовите, Синан Оган освои само 5,3%.

Додека поголемиот дел од домашните гласови се веќе пребројани, повеќето гласачки ливчиња од странство допрва треба да се пребројат. Распределбата на гласовите може да се промени и во зависност од тоа како изборното тело се справува со гласовите дадени за Мухарем Инџе, кој се повлече од трката, но сепак освои околу 0,5%.