9.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кина протера канадски дипломат и ги продлабочи тензиите со Канада

Кина во вторникот протера дипломат од канадскиот конзулат во Шангај како одмазда за кинескиот дипломат што Канада го протера еден ден претходно, пренесува „Дојче веле“.

Како реципрочна контрамерка на бескрупулозниот потег на Канада, како што истакна Пекинг, кинеското Министерство за надворешни работи побарало канадската дипломатка Џенифер Лин Лалонд да ја напушти Кина до 13 мај.

„Ја советуваме канадската страна веднаш да престане со своите неразумни провокации. Ако канадската страна не го послуша овој совет и постапи непромислено, Кина ќе преземе решителни и принудни реципрочни мерки, а сите последици ќе ги сноси канадската страна“, изјави портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин, по протерувањата на Лалонд.

Претходно во понеделникот, Канада објави дека ќе протера дипломат од кинескиот конзулат во Торонто поради мешање во демократските прашања на земјата.

„Канада одлучи да го прогласи Жао Веи за персона нон грата. Јас бев јасна: нема да толерираме каква било форма на странско мешање во нашите внатрешни работи. Дипломатите во Канада се предупредени дека ако се впуштат во вакво однесување, ќе бидат вратени дома“, се вели во соопштението на канадската министерка за надворешни работи, Мелани Џоли, во која се додава дека одлуката за протерување на Жао е донесена по внимателно разгледување.

Дипломатскиот потег следуваше по написот во „Глоуб енд мејл“ минатата недела дека Кина ги таргетирала канадскиот пратеник Мајкл Чонг и неговото семејство во Хонг Конг откако тој потпишал парламентарна иницијатива со која се осудува третманот на Ујгурите од Пекинг како геноцид. Во статијата беше цитиран строго доверлив документ од 2021 година.

Според статијата, Жао бил вклучен во ова заплашување. Тој сега има пет дена да ја напушти Канада.

Пекинг жестоко ја осуди одлуката на Канада што портпаролот на кинеската амбасада во Отава ја оцени како сериозно прекршување на меѓународното право и саботирање на кинеско-канадските односи и ја обвини Канада дека се приклучува на антикинеската агенда на САД.

Односите меѓу двете земји се напнати од 2018 година кога Канада уапси извршен директор на „Хуавеј“, а Кина како одмазда приведе двајца канадски државјани. Иако сите трјоца сега се на слобода, врските меѓу двете нации не се подобрија.

Ова, заедно со неодамнешните сознанија дека Пекинг се обидел да влијае на канадските избори во 2019 и 2021 година, го принуди премиерот Џастин Трудо да заземе цврст став во однос на Пекинг.

Спонзорирано: