10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Приштински дипломат: Курти ќе ja формира ЗСО, со изборите си го спасуваше образот

Поранешниот шеф на косовската дипломатија, Скендер Хисени, оценува дека косовскиот премиер Албин Курти набргу ќе ја имплементира заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), а за да си го спаси образот, како што додаде, се крие зад политичките маневри, како што беа вонредните локални избори одржани на северот од Косово минатата недела, пренесува „Економија онлајн“.

„Сето ова е направено за да се добие банално оправдување за спроведувањето на заедницата на српски општини. Нема потреба Курти да се крие зад политичките маневри за да го унапреди договорот со Србија“, рече Хисени.

Хисени изрази уверување дека политичките маневри на Курти ќе бидат подобро разбрани во наредните денови откако тој ќе почне со имплементација на заедницата на општини со српско мнозинство, пренесува „Косово онлајн“.

„Курти бара оправдување. Тој само се обидува да си го спаси образот, а Косово и суверенитетот на државата трпат штета на целата територија. Следните денови ќе покажат дека сето тоа беше маневар за прикривање за она што следува. САД и меѓународната заедница точно знаат, но не може јавно да кажат дека Косово не може да организира избори на северот на земјата“, посочи поранешниот косовски шеф на дипломатија.

Курти претходно неколкупати нагласи дека нема намера да формира заедница на српски општини, на што е обврзан со бриселскиот договор и другите договори потпишани со Белград и со меѓународната заедница.

Во меѓувреме, претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, изјави дека Курти направил голема грешка бидејќи во преамбулата на договорот на кој се согласил во Брисел на 27 февруари има нешто што не може да се поправи, а тоа, како што наведува Абдиџику, е согласноста на Приштина со точката дека нема прејудицирање на конечниот статус, пренесува „Газета експрес“.

„Ова е првпат во историјата Косово да се согласи со точката да не го прејудицира статусот. Тоа се меѓународни обврски, за тоа зборувам. Нема враќање назад“, рече тој.

Абдиџику посочи дека никој не го обвинува Курти за заедницата на српски општини, но проблемот е што Курти, како што наведе лидерот на ДСК, „потпишал нешто повеќе од тоа“.

Тој посочи и дека Курти ги прекршил сопствениците принципи, како и дека е „многу слаб во однос на преговорите“.

„Во август 2022 година тој ги претстави своите шест принципи за дијалог, од кои ниту еден не постои“, нагласи Абдиџику.