13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Поранешен затвореник во Абу Граиб: Американските затвори се регрутни точки за терористи

Ветувањата на САД за демократија во Ирак дадени по инвазијата на земјата во 2003 година донесоа само неселективни убиства, репресии и тортура во американските затвори, изјави за РТ поранешниот затвореник во „Абу Граиб“, Дураид Наел Камел.

„Абу Граиб“ е озлогласениот затвор во Ирак во кој беа обелоденети низа воени злосторства, измачувања и кршења на човековите права од страна на американската војска и на ЦИА во текот на американската инвазија.

Камел по апсењето првин бил испратен во „Абу Граиб“, а подоцна бил префрлен во кампот „Бука“. Тој тврди дека Американците го уапсиле затоа што ги снимил нивните репресии врз локалното население и неселективните убиства.

„Никогаш не видовме слобода или демократија, само неселективно убивање“, истакнува Камел додавајќи дека американските трупи и ирачките власти, кои им биле сојузници, почнале да апсат луѓе по случаен избор и никој не ја знаел причината за тоа.

Камел лично сведочел и собрал докази за претепување луѓе што ги снимале насилничките мерки на Американците додавајќи дека имал и снимка од американски снајперисти качени на покрив, кои пукале во народот како во добиток. Тој му се приклучил на движењето на отпорот во една од ирачките провинции, но најчесто ги снимал злосторствата извршени од САД.

„Без разлика што велат Американците, ирачкиот народ беше тој што им се спротивстави, а не некои дисидентски фракции“, вели тој.

Камел бил уапсен кога се вратил во Багдад, а американскиот воен хеликоптер го зел од терасата на куќата на брат му во која престојувал. Американците потоа го транспортирале во некаков вид корпа обесена на куки и го обвиниле дека е терорист.

„Не ни знаевме што е терор пред да пристигнат Американците. Тие само измислуваа обвиненија, кои немаа никаква врска со реалноста“, тврди Камел додавајќи дека илјадници луѓе биле во иста позиција.

Според Камел, немало вистинска истрага за неговиот случај, туку само малтретирање во рацете на американските киднапери, како што ги нарекува тој, кои во затворот му ги насаскувале полициските кучиња и го принудиле да разговара со нив, го полевале со вода и го тепале со стапови, при што му скршиле неколку ребра.

Камел подоцна бил префрлен во кампот „Бука“, друга озлогласена американска база во Ирак што била користена како логор за интернација во кој постоело цело крило за радикалите, а самиот камп служел како „точка за регрутирање на милитантите“.

Тој исто така тврди и дека САД ги поттикнале религиските судири што го уништија Ирак. Американците ги одвоиле сунитите од шиитите во „Бука“, во чии објекти ги мачеле затворениците и им го переле мозокот зборувајќи за религиски фракции.

„Тоа беше прв чекор кон организирање верски училишта во затворот“, додава Камел, кој вели дека низ американските затвори поминале стотици илјади Ирачани на кои им биле одземени правата и кои и денес не смеат да се борат за сојузничките сили.

Камел бил ослободен 14 месеци по неговото апсење. Американските власти го принудиле да потпише документ со кој му забранува да поднесува жалби или да дава јавни изјави за активностите во затворот во кој бил.

Двајца од неговите браќа биле уапсени и завршија во кампот „Бука“. Еден од нив починал, а друг бил осакатен, вели Камел.

„Американците дојдоа да нè уништат, а не да ни донесат слобода и демократија“, истакнува тој.

Спонзорирано: