26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
СВЕТ

Специјалните сили итно ја евакуираа американската амбасада во Судан

Американските сили за специјални операции извршија итна евакуација на американската амбасада во завојуваниот Судан за помалку од еден час во неделата користејќи хеликоптери, пренесува „Политико“.

Вашингтон ја затвори американската мисија во Картум на неодредено време, оставајќи без дипломатска помош во Судан илјадници американски граѓани кои се во источноафриканската земја од приватни причини.

Претходно во саботата, амбасадата издаде предупреди дека поради неизвесната безбедносна ситуација во Картум и затворањето на аеродромот, во моментов не е безбедно да се преземе масовна евакуација координирана од владата на САД за тие граѓани.

Американските власти велат дека е премногу опасно за помасовна мисија за евакуација во ситуација кога е целосно затворен главниот меѓународен аеродром, а патиштата што водат надвор од земјата се под контрола на вооружени лица.

Во изјавата во која им се заблагодарува на војниците, претседателот Џо Бајден посочи дека добива редовни извештаи за напорите да им се помогне на останатите Американци во Судан ако е тоа можно.

Евакуацијата ја извеле околу 100 американски војници кои со три хеликоптери MH-47 ги префрлиле преостанатите седумдесетина американски вработени од амбасадата до непозната локација во Етиопија, која им обезбедила поддршка за прелет и полнење гориво, посоува Моли Фи, помошник државен секретар за африкански прашања.

Американската команда во Африка (АФРИКОМ) и генералот Марк Мили биле во контакт со двете завојувани фракции во Судан за да се осигураат дека американските сили ќе имаат безбеден премин за да ја спроведат евакуацијата.

Бајден, кој нареди евакуација на персоналот на амбасадата откако доби препорака од својот тим за национална безбедност и по нападот на конвој на амбасадата во Картум, рече дека во евакуацијата им помогнале и Џибути, Етиопија и Саудиска Арабија.

Околу 16.000 американски државјани се регистрирани во амбасадата во Судан, но бројката е груба бидејќи не сите Американци се регистрираат во амбасадата кога доаѓаат или си заминуваат од земјата.

Евакуациите на амбасадите што ги изведува американската војска се релативно ретки и обично се случуваат само под екстремни услови. Кога ѝ наредува на амбасадата да го повлече персоналот или да ги прекине операциите, Стејт департментот претпочита персоналот да користи комерцијален превоз, ако тоа е опција.

Кога САД привремено ја затвори амбасадата во Киев непосредно пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вработените користеа комерцијален транспорт за да заминат.

Меѓутоа, во неколку други скорешни случаи, особено во Авганистан во 2021 година, условите ги направија комерцијалните патувања невозможни или крајно опасни. Американските војници го придружуваа и персоналот од американската амбасада во Триполи, Либија, при евакуацијата во 2014 година со копнен конвој до Тунис.