26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Пристапот до општинските згради прв предизвик за новите градоначалници на северот на Косово

Новоизбраните градоначалници во општините на северот на Косово, кои се од редовите на албанската заедница, се свесни дека ќе имаат проблеми со пристапот до своите канцеларии што најчесто се во зградите на привремените општински органи кои работат во системот на Србија, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Тие очекуваат косовската влада да им помогне и да им овозможи да почнат со работа.

Еуген Чаколи од Демократскиот институт на Косово и политикологот Огњен Гогиќ посочуваат дека новите градоначалници на самиот почеток ќе се соочат со проблемот со пристапот до општинските згради, да положат свечена заклетва и ефективно да работат во рамките на својот мандат.

На вонредните локални избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – учествуваа девет кандидати Албанци за градоначалник, и само еден кандидат од српската заедница: Слаѓана Пантовиќ која се кандидираше за градоначалник на општина Звечан како независен кандидат.

Врз основа на прелиминарните резултати на косовската Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ, додека кандидатите на Демократската партија на Косово, Измир Зеќири и Иљир Пеци ќе бидат нови градоначалници во Зубин Поток, односно во Звечан.

Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, одби да учествува во изборниот процес и ги повика граѓаните на бојкот, а нејзиниот потпретседател Милан Радоичиќ, во меѓувреме, изјави дека српскиот народ никогаш нема да дозволи општините на северот да бидат управувани од оние со еден или два отсто освоени гласови.

Радоичиќ, сепак, не прецизираше какви мерки ќе преземат Србите за да ги спречат албанските градоначалници да ја преземат власта.

Според Чаколи, новите градоначалници се избрани легално. Тој сепак истакна дека тие немаат практичен и репрезентативен легитимитет, имајќи предвид дека не ги добиле гласовите на српската заедница.

Според него мислење, првиот проблем со кој ќе се соочат новите градоначалници ќе биде физичкиот пристап до општинските згради, во кои се сместени и паралелните општини кои работат во системот на Србија.

„Периодот од 30 дена по потврдувањето на изборните резултати е релативно краток и, ако не се најде креативен модалитет, верувам дека ќе биде многу тешко новите градоначалници да положат заклетва во општинската зграда, односно во собранијата на општините. Затоа е многу тешко, да не речам невозможно, овие градоначалници на дело да ја реализираат волјата на граѓаните од албанската заедница, да ги направат институциите функционални и да даваат услуги“, вели Чаколи.

Ако новоизбраниот градоначалник не положи заклетва во рок од 30 дена, изборите се повторуваат.

„Дури и да се случи тие да стапат на функција и официјално да бидат прогласени за градоначалници, се поставува прашањето како ќе управуваат со тие општини, бидејќи во нив нема повеќе кадар, службеници. Сите си поднесоа оставки. Новите градоначалници нема да имаат на кого да се потпрат за да ги спроведат тие одлуки, немаат ни згради затоа што во некои општини ги делат просториите со привремените органи кои работат според системот на Србија – вели Гогиќ.

Во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, косовските општини се сместени во зградите во кои функционираат и органите на српскиот систем. Само во Северна Митровица косовската општинска зграда е физички одвоена од онаа што работи во системот на Србија.

Поранешниот министер за локална самоуправа во владата на Косово, Садри Ферати, смета дека новите градоначалници во општините на северот од Косово треба да знаат како да постапат ако има бојкот на општинската администрација.

„Градоначалникот без дел од администрацијата не може да дава услуги на граѓаните. Ќе има ли бојкот? Може да има и повици до граѓаните да не бараат услуги од општината. Тогаш ќе има притисок врз Србите да не соработуваат со новите градоначалници“, вели Ферати.