26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Новозеланѓаните добиваат австралиско државјанство

Австралија објави дека воведува директен пат до државјанство за Новозеланѓаните кои живеат во земјата, со што ги поништи контроверзните визни правила. Ова се случува еден ден пред посетата на премиерот на Нов Зеланд, Крис Хипкинс. Хипкинд пред посетата на главниот град на државата Квинсленд, Бризбејн, го поздрави овој потег како најголемо подобрување во правата на Новозеланѓаните кои живеат во Австралија во текот на последната генерација.

Промените, кои стапуваат на сила во јули, значат дека Новозеланѓаните кои живееле во Австралија четири или повеќе години можат да аплицираат за државјанство без претходно да бидат постојани жители, рече австралискиот премиер Ентони Албанесе.

„Знаеме дека многу Новозеланѓани се тука со виза од специјална категорија додека воспитуваат деца, работат и ги градат своите животи во Австралија. Затоа, горд сум што можам да ги понудам придобивките од државјанството“, додаде Албанесе.

Нов Зеланд долго време се залага за промени откако се сменија визните правила во 2001 година, што им отежнува на „Кивите“ во Австралија да добијат државјанство. Реформата ќе ги усогласи правата на Новозеланѓаните повеќе со правата на австралиските иселеници кои живеат во Нов Зеланд, соопшти австралиската лабуристичка влада.

Според податоците на австралиското Министерство за надворешни работи и трговија, во Австралија живеат околу 670 илјади државјани на Нов Зеланд, додека во Нов Зеланд се околу 70 илјади Австралијци.