17.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

(Видео) „Се чувствуваше како земјотрес“ – исплашени граѓани сведочат за уривањето на катната гаража во Њујорк

Сведоци на уривањето на катната гаража во Њујорк раскажуваат дека сцената личела на земјотрес, а луѓето во паника барале засолниште.

Очевидци велат дека колапсот се случил бргу и без предупредување. „Сè се случи толку бргу“, рече Тај Нгуен (35).

„Нашата продавница е две згради подалеку од гаражата, а до нас има хотел. Луѓето втрчаа внатре прашувајќи дали може да се засолнат во нашата продавница“.

„Се чувствуваше како земјотрес“, изјави студентот на Универзитетот „Пејс“, Лијам Гаета, за „Еј-би-си њуз“. Тој рече дека слушнал многу силен звук и набргу сè се урнало и следела евакуација.

Катна гаража на четири ката се урна вчера во долниот дел на Менхетн, Њујорк, во близина на Универзитетот „Пејс“, при што најмалку еден работник загина, а пет други се повредени, соопштија властите.

Пожарникарите беа извлечени од урнатата конструкција поради нестабилни услови и сега трагаат по жртви со помош на роботски уреди.

„Немаме причина да веруваме дека се работи за нешто друго, освен структурен колапс“, изјави за новинарите началникот на градската полиција, Кичант Севел. Видеоснимката од местото на настанот емитувана од Си-би-ес и на Еј-би-си покажува спасувачка операција во тек и повеќе автомобили наредени еден врз друг во урнатата гаража.

Кај едно лице била констатирана смрт на самото место, а уште четири поради повредите се пренесени во болница. Едно повредено лице одбило медицинска помош, изјави Џон Еспосито, шеф на противпожарните операции на Њујоршката противпожарна служба. Тој рече дека сите шестмина биле работници, кои биле таму во моментот на падот.

„Ова беше исклучително опасна ситуација за нашите пожарникари“, рече тој на брифингот со новинарите.

Спонзорирано: