21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Северна Кореја истрела балистичка ракета и предизвика хаос и паника во Јапонија

Северна Кореја истрела проектил во морето во близина на источниот брег на Корејскиот полуостров, соопшти штабот на јужнокорејските сили. Јапонската крајбрежна стража исто така соопшти дека Северна Кореја истрелала балистичка ракета.

Лансирањето доаѓа два дена откако севернокорејскиот државен медиум „КЦНА“ објави дека лидерот Ким Џонг Ун повикал на зајакнување на военото одвраќање на земјата на „попрактичен и поофанзивен“ начин за да се спротивстави на, како што ја нарече, агресијата на Соединетите држави.

Јапонската влада соопшти дека предупредувањето за итна евакуација што го издаде и подоцна го повлече, за жителите на северниот остров Хокаидо по лансирањето на ракетата од Северна Кореја, е соодветно и не се работело за грешка. Системот за предупредување за итни случаи им порача на милиони луѓе во Хокаидо веднаш да се засолнат.

„Не ги коригиравме информациите објавени од системот за итни емитувања J-Alert“, рече на прес-конференција главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно.

Тој рече дека севернокорејската ракета исчезнала од јапонскиот радар веднаш по детекцијата, а дополнителната анализа утврдила дека нема можност да слета на јапонска територија, што довело до укинување на предупредувањето за евакуација.

„Предупредувањето на J-Alert“ е издадено за да се информираат граѓаните за опасноста од паѓање на проектил, така што безбедноста на граѓаните е приоритет“, рече Мацуно.

Еден студент изјави за јавниот радиодифузен сервис „НХК“ дека алармот предизвикал паника на железничката станица во Хокаидо.

„Во возот за момент настана паника, но службеникот на станицата ни рече да се смириме, а луѓето се смирија“, рече човекот.