24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шестгодишно момче пукало во учителката на час – мајката на ученикот обвинета за небрежност

Големата порота покрена обвинение против 25-годишната Даја Тејлор, мајка на шестгодишното момче кое застрела наставничка во училиште во Вирџинија, за кривично дело занемарување на детето и прекршок „небрежно пуштање на наполнето огнено оружје“.

На 6 јануари момчето донело пиштол во основното училиште, а потоа за време на часовите ја застрелал 25-годишната учителка Абигејл Цвернер во раката и градите.

Во нападот Цвернер била тешко повредена, но преживеала. Полицијата утврдила дека момчето во престрелката користело пиштол што и припаѓал на неговата мајка. Тие додадоа дека обвиненијата произлегуваат од „темелна истрага“ за пукањето.

„Секое кривично дело е единствено по своите факти и тие факти ги поддржуваат овие обвиненија, но нашата истрага за пукањето продолжува“, вели окружниот обвинител Хауард Гвин.

Семејството по пукањето издаде соопштение во кое се вели дека ги презеле неопходните мерки на претпазливост. Џејмс Елисон, адвокатот на семејството, за Асошиејтед прес изјавил дека пиштолот се наоѓал во мајчиниот плакар на горната полица и дека бил заклучен, пишува Би-би-си.

Властите најавија дека против родителите можат да бидат покренати и други обвиненија.

Повредената наставничка ги обвини училишните службеници дека игнорирале повеќекратни предупредувања дека момчето имало пиштол на денот на пукањето и ги тужела за грубо невнимание.

Училишните власти претходно потврдија дека ранецот на детето го пребарал вработен во училиштето на денот на пукањето, откако било пријавено дека ученикот можеби има оружје.

Обвинителите претходно потврдија дека детето најверојатно нема да биде обвинето во врска со пукањето.

Гвин изјави за „NBC News“ во март дека „можноста на шестгодишно дете да му се суди е проблематична“, бидејќи детето е премногу мало за да го разбере правниот систем.