17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Македонците меѓу Европјаните со најкус очекуван животен век

Просечниот животен век при раѓање на Македонецот во 2021 година бил 73,2 години – 75,5 години за жени и 71,1 години за мажи- за една година и два месеци покус во однос на 2020 година и две години и три месеци покус во однос на 2013 година, покажува најновата анализа на Евростат.

Очекуваниот животен век при раѓање претставува средна вредност за годините што се очекува дека ќе ги доживее едно дете ако живее во актуелните услови на смртност (веројатност за смрт поврзана со возраста).

Најголемо зголемување на животниот век при раѓање кај Македонците во последниве осум години е забележан во 2018 година, кога изнесувал 76,7 години. Скусувањето на животниот век е конзистентно во однос на мажите и жените, кои, споредбено, продолжуваат да живеат подолго од мажите во просек 4,2 години.

Од земјите од непосредното соседство, со најкус очекуван животен век се Бугарија (71,4 години) и Србија (72,8 години), а подолго од Македонците живеат жителите на Црна Гора (73,8 години), Албанија (75,5) и на Хрватска (76,7 години).

Картата укажува и на неколку интересни обрасци. Статистиката покажува дека сè уште има прилично јасна разлика помеѓу источната и западната половина на Европа, па така Македонија, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора и Латвија очигледно имаат најкус животен век земјите на картава.

Сите 4 региони со најмал животен век се во Бугарија. Со најкус животен век од 69,7 години се жителите на Северозападниот регион.

И во Германија и во Обединетото Кралство има неколку региони со покус животен век при раѓање во однос на другите земји во западната половина на Европа.

Во Германија сè уште постои одредена разлика и помеѓу истокот и западот на земјата.

Во Обединетото Кралство, северна Англија и јужна Шкотска имаат покус животен век од другите делови на земјата додека Глазгов и околината имаат и најкус животен век при раѓање во цела западна Европа.

Во Белгија се забележува интересен географски образец на кој јасно се гледа поделбата помеѓу холандското и француското говорно подрачје.

Најдолг животен век при раѓање од 85,7 години имаат жителите на Тичино во Швајцарија. Заедно со Мадрид (85,4 години), ова се единствените два региона во Европа со животен век подолг од 85 години.

Швајцарија, Шпанија, Италија, Франција, Исланд, Норвешка и Шведска имаат релативно долг животен век во сите свои региони.