24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Египет тајно планирал да ја снабдува Русија со оружје, нови детали од обелоденетите документи на САД

Откриени се нови детали од тајните американски документи кои излегоа во јавноста. Според новите информации, имало тајни преговори за оружје меѓу Египет и Русија, при што египетскиот претседател Абел Фатах ел-Сиси наводно планира да му обезбеди на Кремљ десетици илјади проектили.

„Вашингтон пост“ доби серија доверливи датотеки објавени во февруари и март на платформата за игри „Дискорд“. Едно од досиејата содржи детаљни дискусии меѓу високи египетски функционери за продажба на оружје на Русија. Во еден документ Сиси им кажува на службените лица да ги чуваат во тајност пратката и масовното производство на оружје за да се избегнат проблеми со Западот.

Тајниот документ, кој датира од 17 февруари, содржи дискусија на египетските власти за тоа како да ги снабдуваат нивните руски колеги со барут и артилерија од египетските фабрики. Наводно се работи за 40.000 проектили.

Египет е долгогодишен американски сојузник и добива повеќе од милијарда долари воена помош годишно, а истовремено ги продлабочува односите со Москва под власта на Ел-Сиси, додаваат медиумите.

Откритието, кое првпат го објави „Вашингтон пост“, може да влијае на американско-египетските односи и потенцијално да доведе до санкции доколку Египет навистина тајно ја снабдувал Русија со оружје.

Минатата недела низа доверливи американски документи излегоа на интернет откривајќи нови детали за руската кампања во Украина и клучни детали за украинската војска. Сè уште не е познато кој ги објавил овие документи.