16.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Два воза излетаа од шините во Швајцарија, има повредени

Два регионални воза денеска излетаа од шините во северозападна Швајцарија, а неколку патници, меѓу кои и деца, се повредени во двата одвоени инциденти, соопшти полицијата на кантонот Берн.

Несреќите се случиле на оддалеченост од неколку десетици километри со интервал од околу 20 минути.

Првиот воз излетал од шините во 16:30 часот на линијата меѓу Лишерц и Бина, а во несреќата се повредени неколку лица меѓу кои и машиновозачот.

Вториот воз излетал од шините околу 20 минути подоцна во близина на Бирен кум Хоф, изјави портпаролката на полицијата Флурина Шенк. Во тој инцидент се повредени 12 лица, меѓу кои и три деца.

На лице место се службите за итна помош – полиција, брза помош и пожарникари. Причината за сообраќајните несреќи не е позната.

Бурни ветрови дувале денеска во Швајцарија и можеби ја предизвикале несреќата, соопшти компанијата која стопанисува со регионалната железница РБС. Во првиот инцидент задниот дел од возот се превртел на десната страна.

Најсилните налети на ветерот се придружени со обилни дождови и невреме. Швајцарската метеоролошка служба во текот на претпладнето предупреди на можност за удари на ветер од 80 до 110 километри на час во пониските предели или од 100 до 140 километри на час во планинските предели.

Спонзорирано: