Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Глишиќ: Вучиќ изјави дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС

Претседателот на Извршниот одбор на Српската напредна партија Дарко Глишиќ изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ на вонреден состанок синоќа во седиштето на партијата рекол дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС.

„Доколку претседателот Вучиќ стои на ставот и поднесе оставка, мислам дека тоа е крај на СНС, крај на кариерата што СНС ја имаше на политичката сцена во Србија и мислам дека после тоа ќе следи најлошото можно сценарио за Србија, што не можам ни да го замислам“, изјави Глишиќ за телевизија „Пинк“ по средбата посветена на решението на ситуацијата на Косово.

Вучиќ, според српските медиуми го информирал партиското раководство за притисоците од Западот врз Србија во врска со Косово, а набргу потоа го напуштил партиското седиште.

Одредени функционери, како што стои во написите, порачаа дека натамошните преговори со ЕУ и САД не треба ниту случајно да се прифатат.

Вучиќ, како што пренесуваат медиумите го слушал сето тоа, а потоа кажал дека ако некој мисли дека може подобро, ќе се повлече.

Тој рече и дека ако народот одбие преговори и ако некој мисли дека земјата треба економски да се уништи, ќе го препушти управувањето со државата на „попаметните луѓе“, стои во написите.