24.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД и Јапонија најавија зајакнување на безбедносната соработка

Соединетите Американски Држави и Јапонија најавија нови иницијативи насочени кон зајакнување на нивната безбедносна соработка наспроти заканите од Кина и Северна Кореја во услови на зголемени тензии во регионот на Пацификот.

„Денеска, објавуваме историска одлука за оптимизирање на позицијата на американските сили во Јапонија“, рече американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, на заедничката прес-конференција во Вашингтон со американскиот државен секретар, Антони Блинкен, јапонскиот министер за надворешни работи, Хајаши Јошимаса, и јапонскиот министер за одбрана, Хамада Јасуказу.

Планираните акции „ќе ги подобрат способностите за одвраќање во регионот и ќе ни овозможат поефикасно да ги браниме Јапонија и нејзиниот народ“, рече Остин. Меѓу конкретните мерки се споменува и „приспособување на присуството на американски војници“ на јапонскиот остров Окинава.

Остин рече дека „во сè повеќе предизвикувачко безбедносно опкружување“ двете страни одлучија да го реорганизираат 12-тиот полк во Јапонија до 2025 година за да го направат „поубиствен, поагилен, поспособен“.

Понатамошните планови ќе бидат разгледани на состанокот во Белата куќа меѓу американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фуми Кишида закажан за петок.

Јапонија неодамна објави огромно проширување на своите одбранбени капацитети во пресрет на настојувањето на Кина за доминација во регионот и заканата од Северна Кореја.

Пјонгјанг неодамна изврши серија ракетни тестови, со што ги зголеми тензиите на Корејскиот Полуостров. Набљудувачите стравуваат дека набргу може да следува нова севернокорејска нуклеарна проба.

Спонзорирано: