24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Борел: Отстранете ги барикадите, дијалогот е единствениот пат за европската перспектива на Косово и на Србија

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска апелира да се смири ситуацијата на северот на Косово и ги повика Белград и Приштина да се вратат на разговорите за европскиот предлог за дијалог.

„Апсолутно е важно да се запрат ваквите проблеми, да се отстранат барикадите, да се смири ситуацијата и да се вратиме на дискусијата за предлогот што го ставивме на маса, со цел да се најде трајно решение за тензиите меѓу Приштина и Белград“, рече Борел по пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет во Брисел.

Борел рече дека ќе ги информира европските лидери за ситуацијата и разговорите што претходните два дена ги имаше специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во Белград и во Приштина.

„Последниве неколку дена се соочуваме со големи проблеми на северот на Косово… Повикувам на смирување на ситуацијата и враќање на дијалогот, што е единствениот пат за европската перспектива на Косово и на Србија“, рече Борел.

Шефот на европската дипломатија изрази надеж дека европските лидери денеска ќе се договорат за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, што би било важен чекор за таа земја и за целиот регион.

„Силно го поддржувам тоа. Тоа ќе биде добра можност за водачите на БиХ да продолжат со реформите и земјата навистина да почне на европскиот пат“, рече Борел.