17.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Пропадна сѐ што правеше ВМРО-ДПМНЕ за да ја дестабилизира и да ја прикаже земјата како несигурна, Глобалниот индекс за мир го потврди тоа

Пишува: Зоран Бојаровски

Не треба да се биде којзнае каков стручњак за препознавање трендови, но ако се погледне нагорното движење на индексот за мир на Република Северна Македонија на Глобалниот индекс на мирот што секоја година го подготвува Институтот за економија и мир, скокот од 97 место во 2017 на 36-то во 2022 година, заслужува анализа за тоа кои се факторите што овозможија вакво поместување за 61 место кон врвот.

Како 36-та најбезбедна држава во светот земјата е во групата со „Високо ниво на безбедност“. Од државите на Западен Балкан стоиме најдобро, а во однос на оние од поранешна Југославија од нас се подобри само Словенија и Хрватска.

За да бидеме коректни докрај, трендот за поместување кон напред на листата не почнува од 2017 година. Раст има и од 2008 година.

Но, сепак, ако од 2008 до 2016 година Македонија се искачила од 61 на 87 место на овој индекс, односно напредувала за 26 места, за само пет години од 2017 до 2022 прогресот на стабилизирачките фактори ја поместил земјата за 61 место, односно од 97 место во 2017 година, на 36-тото на најновата ранк листа за оваа година.

Кратко патување низ времето на факторите за нестабилност

Краткото патување низ времето на факторите за предизвикување нестабилност и несигурност во нашата земја ќе ни открие не така дамнешни, а богами и актуелни, актери кои вложуваа(т) исклучителни напори да предизвикаат нестаблиност или постојано да ја прикажуваат Северна Македонија како несигурна и како земја којашто не е отпорна на влијанијата на ризици за нејзината стабилност.

Нема да одиме многу далеку, и ќе се задржиме само на овој период кога Северна Македонија направи најголем скок на индексот на мир, а токму тогаш беше изложена на најсилни закани и влијанија во однос на безбедноста и сигурноста и од внатре и од надвор.

Во очајната битка да продолжи да владее со партизираната и заробена држава, реториката за дестабилизација на Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја презеде и максимално ја засили во 2015 и 2016 година во обид да го прикаже масовното движење на граѓаните „Шарената револуција“ како „погубно сценарио за дестабилизација“ на земјата.

На 14 април во 2016 година тогашниот премиерот Никола Груевски на прес-конференција сееше страв дека „на државата ѝ следува ‘украинско сценарио’, што, според Груевски, „значи илјадници мртви и повредени, вртоглав пад на економијата и други тешки последици“.

Тогашниот министер за надворешни работи во Владата на ВМРО-ДПМНЕ Никола Поповски „Шарената револуција“ ќе ја поврзе со Фондацијата Отворено општество коешто според него „финансира субјекти коишто на нетранспарентен начин се занимаваат со политика“ и дека тоа било „неприфатливо“ затоа што тие што „нетраспарентно започнуваат политички битки секогаш во корист на социјалистичката коалиција предизвикуваат дестабилизација“.

Во тие пресрвртни години за земјата, ВМРО-ДПМНЕ повторуваа дека тие, наспроти „шарените“ што дестабилизираат, и понатаму продолжуваат да ја сакаат Република Македонија со дела и дека ќе продолжат да работиме за потребите на граѓаните.

Колку многу од ВМРО-ДПМНЕ ја сакаат државата (за себе) се покажа на 15 декември 2016 година на протестот пред седиштето на Државната изборна комисија, кога во обид да извршат притисок за изборните резултати организираа еден од реторички најзаканувачките митинзи кога поранешната пратеничка и тогашен претседател на Комисијата за односи со верски заедници Валентина Божиновска ја нарече таа ноќ „ноќ на ножевите“.

„Ме прашуваат што се случува Валентина? Оваа вечер е вечер на ножевите. Оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек, на последниот македонски предавник Зоран Заев“, одекнуваше нејзиниот глас во ноќта.

Таа во 2017 година, жестоко ја критикуваше и таканаречената „Тиранска платформа“, како што ја нарече ВМРО-ДПМНЕ, за која Божиновска дезинформираше и пропагираше дека е „заверена со печат во Албанија, а потврдена во Косово“.

Овие мрачни предвидувања, коишто, всушност, претставуваа закани, тогаш „здушно“ ги поддржуваше и Кремљ. Министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров на една прес конференција во октомври 2016 година, непосредно пред пресудните избори во Македонија ќе рече дека „македонските настани прилично грубо се управуваат однадвор“ кои имале за цел да ја соборат Владата на Никола Груевски „поради одбивањето да се приклучи на санкциите против Русија“.

Лавров тогаш рече дека е „жално е и опасно што во достигнувањето на овие цели за уривање на Владата на Груевски се прават обиди да се вклучи и албанскиот фактор“ и дека „сега се во тек разговори дека Македонија уште повеќе треба да се федерализира, а можеби и да се направи и конфедерација. Се предлагаат идеи како да се раздели, дел да се даде на Бугарија, а дел на Албанија“.

Имаше уште многу „бисери“ на Лавров на таа прес конференција, но да се вратиме на домашниот фактор за дестабилизација на Република Македонија – ВМРО-ДПМНЕ.

Следната најава со многу висок заканувачки интензитет по стабилноста на државата се случи на 26 февруари 2017, кога Никола Грувески, на најавата на Зоран Заев дека со 67 пратенички потписи ќе оди кај Иванов да побара мандат за состав на нова влада, во интервју за ТВ Сител рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот“.

По ова интервју на ТВ Сител, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ што кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април како последен обид за екстремна и насилна дестабилизација на земјата кое судот го оцени како кривично дело подготовка и терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

НАТО и ЕУ како глогов колец

Сепак, и по еден таков крвав и неуспешен обид за насилен пресврт и за предизвикување сериозна нестаблиност со трајни последици, Северна Македонија, нејзините граѓани и политичките елити што ја презедоа одговорноста да ја оттргнат земјата од работ на пропаста, го определија курсот кон остварување на двете стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ.

Резултатите од членството во НАТО и забрзаниот евроинтеграциски процес ги кренаа стандардите за безбедност и сигурност, и затоа трипати побрзо прогресираше местото на Северна Македонија на Глобалниот индекс на мир.

Но, ќе остане запаметено дека и во овој период ВМРО-ДПМНЕ, во оваа фаза силно помогната со Левица, продолжи да ја предизвикува стабилноста во земјата.

Самопрогласената „најмакедонска партија“ во 2018 одлучи да го бојкотира референдумот за името на државата како неопходен чекор за членството во НАТО, а на терен активно работеше на ширење немир и страв за да создаде амбиент на несигурност.

Заради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, цензусот за успешен референдум не беше остварен, но „за“ промена на името како услов за членство во НАТО гласаа 609.813 граѓани што претставува најголем број гласови за стратешка одлука на граѓаните, со исклучок на референдумот за независност во 1991 година.

И тој обид да ја дестабилизира државата на ВМРО-ДПМНЕ не успеа.

Не успеа ниту последниот повик на ВМРО-ДПМНЕ за протести против „францускиот предлог“ и за нивна радикализација со помош на Левица, којшто требаше да се случи со „пукање“ на балонот на гневот, според повикот на лидерот на Левица.

Како и НАТО, и ЕУ делуваше како „глогов колец“ за повампирените радикални повици кои и овој пат, како и многу пати претходно, како резервен фитил за потпалување опасно си играа со меѓуетничките односи во земјата.

И навистина „балонот“ пукна, ама не заради непостоечкото полнење со гневот на граѓаните, туку од „предуваноста“ од дезинформации, лаги и неосновани конструкции за загрозеноста на македонскиот јазик и идентитет.

И јазикот и идентитетот останаа нечепнати, а Северна Македонија ги започна преговорите за членство со ЕУ кои добија печат во Брисел и со Договорот за Фронтекс на македонски јазик без фуснота.

Со Фронтекс, како Агенција на ЕУ за заштита на границите, за брзо распоредување на персонал и опрема во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата пред портите на ЕУ, Северна Македоднија, покрај НАТО, стана дел и од европскиот безбедносен чадор, што беше уште еднаш потврдено на состанокот на министрите за внатрешни работи со Европскиот Совет под претседателство на Чешка во Тирана на 3 и 4 ноември оваа година.

Како партнерка во Фронтекс сега на нашата држава ѝ е достапна сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки, со што Северна Македонија ги ужива сите поволности на европската сигурност.

Затоа скокот од 61 место на Глобалнит индекс за мир од 2017 до 2022 година има посебно значење и како победа на прогресивните сили наспроти оние што правеа сѐ за да го спречат овој напредок. 

извор: Civilmedia.mk