24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

(Видео) Мицкоски: 365 дена реализирање на ветеното, над 120 милиони евра за проекти водени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ

„Пред точно една година кажав дека добиената обврска од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата. И ќе кажам дека ова прашање не е само едноставна преземена обврска, туку и прашање за чист образ. Затоа што најсветото нешто што еден човек го добива од своето семејство е името, честа, воспитувањето кое го стекнува и чистиот образ“ рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на почетокот на своето обраќање на „Саемот на промените кои носат иднина“.

Тој рече дека „12 месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина“.

„Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со дневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми“ рече Мицкоски.

Посочи дека е задоволен од постигнатото, а најмногу поради одржаниот збор.

„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за само 365 дена од мандатот отпочнаа со градба или реализираа проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра. Резултат за почит. Ако имаме предвид дека власта, имајќи го на располагање целиот рекорден буџет за оваа година, реализираше нешто повеќе од оваа бројка, тогаш само по себе можете да забележите колкав е подвигот на овие луѓе, нивниот тим, администрацијата, но и на сите нас, на вас и граѓаните кои цело време им даваат поддршка да ги реализираат тие проекти. Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра (2.246.110.874 денари)“ посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача и „доста е од порази што внесуваат несигурност, ја уништуваат самодовербата. И сево ова мора да го смениме. Тоа е потврдната карта на власта да продолжи со распродажба и да ја уништува нашата Македонија“.

„Затоа што апатијата не смее да биде поголема од желбата да успееме, и затоа е потребна надежта која се роди во изминатава година. Она што мора да го објавиме е широк фронт против таа апатија која ја разорува земјата и од која не може да се видат јасно работите, поради која многумина велат сите сте исти, кога не сме, кога многумина акцијата ја заменуваат со пасивизација и поради сè заедно, ние пополека ја губиме Македонија“ е пораката на Мицкоски.

„Победите се збирот на многу труд без откажувања, на триумф на правдата и истрајноста. А, не заборавајте, нашата Македонија е посилна од сите удари кои ѝ ги нанесуваат и сите обезличувања кои ѝ ги приредуваат. За тесната клика на власт ова е борба за фотелја, за сите останати, за нас, ова е борба за нашиот дом. А, од домот нема да се откажеме затоа што тоа е образ и достоинство“ рече тој.
И ова што досега го кажав беа дел од тие писма и овие пораки една година потоа, задоволен сум што се запазени и испочитувани.

Кога станува збор за иднината, треба да погледнеме на реалноста, а таму централната власт со својот непријателски однос удира по општините. Ударот по општините на крајот е удар по својот народ врз чиј грб се одразува секоја опструкција, секој удар и кратење на средства. Затоа општините се принудени сами да се борат и заедно да изнаоѓаме механизми како да се дојде до нови инвестиции и средства да се помогне на граѓаните. И тоа го правиме. Сакам да објавам дека општините ќе започнат со новина на издавање на општински обврзници. Секое домаќинство, правно и физичко лице, ќе може да учествува во купување на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и нови училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, каматната стапка за депозит во банка е до 0.5%, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно ќе се движат од од 4,5 до 5%. Така општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколику проценти повисока камата и заработувачка, а населението и граѓаните во Македонија многу нови проекти. Оваа новина која до сега не била спроведена очекувам да започне до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната година.

ВМРО-ДПМНЕ го трасира патот кон револуцинерна мерка која на општините ќе им обезбеди самостојност и инвестициски вложувања. Затоа што не можеме да ја чекаме централната власт да помага во ситуација кога одмага на општините и игра на картите на зависност и нанесување штета. Ние отпочнавме процес на промени од кои нема да се откажеме ниту да запреме.

Во приодот што следи ќе се формираат буџетите на општините за наредната година. За прв пат до сега градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги планираат буџетите заедно со граѓаните и според нивните потреби. Ќе се отворат вратите за предлози, идеи и потреби на граѓаните, компаниите и општествените чинители и во консултација со нив ќе се испланираат активностите за наредната година. Ова ќе биде системска акција која ќе се реализира организирано во неделите до крајот на годината. Буџет заедно со народот, наместо затворени во канцеларии и без слух за реалните потрби.

Пред да ве повикам да останете и да ги чуете отчетите на општините и останатите актуелни теми на овој прекрасен политички саем, кој за прв пат го организира политичка партија во Македонија што претставува иновативно случување кое вреди за внимание, сакам да се заблагодарам на градоначалниците за нивниот ангажман и посветеност. Исто така се заблагодарувам и на советниците и претседателите на совети низ општините за својата посветеност и лојалност кон ветеното и целите кон кои се стремиме. Благодарност и до тимот кој го направи овој прекрасен саем, одржан за прв пат од политичка партија во Македонија. Да останеме на истиот пат на промени што носат иднина.

Не заборавајте дека е апатијата состојба која значи потврдна карта, согласност за сите лоши политики, а спротивното на тоа е надежта дека може подобро и може поинаку. Ние го кажуваме тоа и работиме за тоа. Така ќе стигнеме и до заедничката победа, затоа што на Македонија ѝ требаат победи, ѝ требаат промени и иднина. Така ги браниме и нашата чест, образ и постоење. Да веруваме и да се бориме. За Македонија, за нашиот дом.