25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бајден: Иран наскоро ќе биде слободен

Американскиот претседател Џо Бајден им порача на приврзаниците на предизборниот митинг да не се грижат бидејќи САД ќе го „ослободат Иран“, откако публиката побара од него да се осврне на актуелните протести што се проширија низ целата земја по смртта на Махса Амини.

– Не грижете се, ќе го ослободиме Иран – рече Бајден во четвртокот во Калифорнија, за време на предизборната средба на демократите за претстојните среднорочни избори во САД на 8 ноември.

Тој додаде: – Наскоро ќе бидат ослободени.

Бајден зборуваше додека неговите поддржувачи во толпата држат мобилни телефони на кои со големи букви беше испишана пораката „Слободен Иран“.

Администрацијата на Бајден се соочува со зголемени критики од иранско-американски активисти кои ја повикуваат Белата куќа да се откаже од напорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор поради протестите во оваа земја кои властите насилно ги задушуваат, оценува американската агенција.

Протестите во Иран започнаа во септември, по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини, откако беше уапсена од иранската полиција за морал, поради наводно несоодветно носење хиџаб, односно не покривање на главата на пропишан начин.

Американската администрација минатиот месец објави санкции против иранските официјални лица поради нивниот брутален однос кон демонстрантите, а исто така неодамна воведе нови санкции кон Техеран за снабдување со беспилотни летала и техничка помош за Русија во нејзината војна против Украина.