18.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Дваесетти конгрес на Комунистичката партија на Кина, се очекува Џинпинг да добие трет мандат

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека на кинескиот народ е да одлучи за прашањето на Тајван и дека Кина никогаш нема да се откаже од правото на употреба на сила, но нагласи и дека ќе се залага за мирно решение на проблемот.

Си ова го изјави во Пекинг, на почетокот на 20-от Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина (КПК) во Големата сала на народот, каде што се присутни водечки кинески владини претставници и околу 2.300 делегати, пренесе агенцијата „Ксинхуа“.

Конгресот на ККП се одржува еднаш на секои пет години, а сегашниот лидер Џинпинг се очекува да добие трет петгодишен мандат.

Кина го смета Тајван за своја територија, и покрај силното противење на владата во Тајпеј, која го отфрла кинескиот суверенитет и тврди дека само луѓето на островот имаат право да одлучуваат за својата судбина.

Тензиите се зголемија во август по посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на Тајпеј, а Кина извесен период одржа големи воени вежби во областа во Тајванскиот теснец.

„Пекинг отсекогаш го почитувал, чувал и работел за благосостојбата на тајванскиот народ и бил посветен на развивање на економската и културната размена преку Тајванскиот теснец. Тајванското прашање е наше внатрешно прашање и зависи од кинескиот народ да одлучи. Бараме мирно обединување, но никогаш нема да ветиме дека ќе се откажеме од употребата на сила. Нема да дозволиме мешање на странска сила и дејствија на многу мал дел од населението кои се за независност на Тајван, спротивно на мислењето на мнозинството од народот на Тајван“ – рече Џинпинг.

Претходно оваа недела, тајванскиот претседател Цаи Инг-вен рече дека војната меѓу Тајван и Кина „апсолутно не е опција“ и рече дека е подготвена да разговара со Пекинг, но сепак, Пекинг не сака да разговара со неа бидејќи се смета за сепаратисти.

Пекинг му понуди на Тајван автономија според принципот „една земја, два системи“, истиот модел што го има со Хонг Конг, но повеќето политички партии во Тајван ја отфрлија идејата.