10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Почна граѓанската парница по тужба на Ентони Рап против Кевин Спејси

Адвокатите на актерот Кевин Спејси и Ентони Рап, човекот чии наводи за сексуално недолично однесување ја променија кариерата на оскаровецот, дадоа воведни зборови за случка од пред повеќе од 30 години, на почетокот на граѓанската парница во Њујорк во четвртокот.

Адвокатот на Рап, кој бара отштета од 40 милиони долари, во својата воведна изјава рече дека во текот на забава во станот на Спејси во Њујорк во 1986 година, Спејси, тогаш 26-годишен, го кренал Рап на кревет и се качил врз него. Рап тогаш имал 14 години и во тоа време ја започнал својата кариера на Бродвеј.

„Рап успеа да се извлече и да замине, но не без Спејси да го следи до влезната врата и да го праша: дали си сигурен дека сакаш да одиш?“ рече адвокатот на Рап, пред поротниците во федералниот суд на Менхетен.

„Кевин Спејси е фантастичен актер, нема сомневање во тоа“, продолжи адвокатот во воведното излагање. „Секогаш кога Ентони ќе го слушне ова, или кога ќе го слушне името Кевин Спејси, тој се враќа во тој стан во 1986 година.“

Рап, кој сега има 50 години, ја поднесе тужбата во ноември 2020 година, тврдејќи намерно предизвикување емоционална вознемиреност и стрес.

Спејси (63) ги отфрли обвинувањата на Рап и другите обвиненија за сексуално недолично однесување.

Адвокатката на Спејси, Џенифер Келер, рече дека Рап ја измислил приказната затоа што бил љубоморен дека неговата сопствена актерска кариера не била толку успешна како онаа на Спејси.
Таа рече дека неговиот опис на наводната случка личи на сцена од претстава во која Рап глумел во тоа време.

„Тој ја раскажува оваа приказна за да привлече внимание, сочувство и за да го подигне својот профил“, рече Келер. „Тој никогаш не стана меѓународна ѕвезда каква што е Кевин Спејси.“