14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Премиерот на Чешка: Целта на самитот во Прага е само пробен договор за безбедност, енергија и клима

Премиерот на Чешка, кој претседава со Европската Унија, Петр Фијала, го најави денешниот прв самит на 44 шефови на држави во Европа, сите, освен Русија и Белорусија, како можност за понеформални дискусии за прашања од областа на безбедноста и мирот, економската и енергетската криза и цели за заштита на животната средина.

„Чешкото претседателство со ЕУ е соочено со огромни предизвици и кризи низ кои поминува Европа и кои ќе бидат тема на првите разговори на европската политичка заедница, без разлика дали се работи за мирот и безбедноста, енергијата, животната средина, економијата. Целта не е да се дојде до писмени заклучоци. Целта е да се разговара и да се создаде некаков рамковен договор во однос на понатамошните активности на европските земји во тие области“, рече домаќинот на самитот, Фијала.

Програмата на самитот остава многу простор за билатерални средби по две тркалезни маси, првата на тема мир и безбедност и втората за економија, енергија и климатски прашања.

Премиерот на Чешката Република, Фијала, ќе го отвори самитот попладнево, а Земан ќе им се обрати на претседателите на држави и влади на последната пленарна седница за време на вечерата во претседателскиот замок Храдчани.

Чешка, како домаќин на самитот, првично беше скептична кон новата политичка иницијатива на францускиот претседател, а во Прага, дури и отворено ја нарекоа Макронова стапица, како што рече советникот на чешкиот премиер, Томаш Појар, плашејќи се дека земјите на ЕУ, кои не се заинтересирани за нови членки, вклучително и Србија и другите земји од Западен Балкан, го користат овој формат за да го одложат проширувањето на ЕУ, пренесуваат медиумите во регионот.

„Скептичните земји, како Франција, би можеле да ја понудат европската политичка заедница на земјите кандидати и да ја направат вечна чекалница за ЕУ“, рече европратеникот, поранешен министер за одбрана во владите на Граѓанската демократска партија, Александар Вондра.

Дека ЕПЗ нема да биде замена за процесот на пристапување во ЕУ и проширувањето на ЕУ, пред сè, кон Западен Балкан, во пресрет на самитот, потенцираат чешки претставници, за кои, без разлика на страната на политичкиот спектар, проширувањето кон тој регион е постојан надворешнополитички приоритет, пишува во новинарските извештаи.

„ЕПЗ не е ништо повеќе од размислување за тоа како ЕУ во овие тешки времиња кога имаме војна во Украина, би можела да воспостави поблиска соработка со цела низа земји надвор од ЕУ, без разлика дали тоа е Велика Британија, Норвешка или Швајцарија. Се разбира, Украина и Турција исто така бидејќи Европскиот парламент води низа дебати за тоа што ЕУ може да им понуди на Украина и Турција“, рече чешката европратеничка Дита Харанзова.