17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
КОРОНАВИРУСТЕМАСВЕТ

Се враќа најдолготрајниот симптом на коронавирус: Сè повеќе заразени го пријавуваат, а за тоа е виновна новата подваријанта

Бројот на заболени повторно расте речиси насекаде во светот, а меѓу позитивните на Ковид, најчест симптом е повторно добро познатиот. Здравствените работници велат дека се поголем број на заразени со вирусот повторно пријавуваат губење мирис, пишува Инсајдер.

Познато е уште од 2020 година, дека доколку луѓето го изгубат сетилото за мирис, голема е веројатноста да се заразени со коронавирус. Поновите варијанти, вклучувајќи ги и омикронските подваријанти, не го предизвикуваа овој симптом толку често.

Сепак, губењето на мирисот може да се врати, бидејќи подваријантата BA.5, која лесно може да го избегне имунолошкиот одговор на телото, стана најчеста причина за новите случаи во САД, пренесува Н1.

Валентина Парма, психолог во Центарот за хемиски сетила Монел во Филаделфија, која работи со пациенти со Ковид, изјави за NBC News дека гледа се повеќе луѓе со губење на мирис во споредба со почетокот на годината.

„Кога ќе го примените тестот за мирис, гледаме дека околу 25 проценти од луѓето имаат нарушено сетило за мирис, што не е мала бројка“, рече таа.

Парма додаде дека бројот на луѓе кои пријавиле губење на мирис е „значително помал“ отколку со делта варијантата, која беше доминантна во САД во 2021 година.

Не е јасно зошто одредени варијанти предизвикуваат повеќе губење на мирис од другите. Меѓутоа, истражувањата укажуваат дека губењето на мирисот се случува кога вирусот ги инфицира нервните клетки во носот.