14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Европол: Имаме докази дека терористи го користат Западен Балкан

Лица поврзани со тероризам патуваат во ЕУ користејќи ги услугите на криминалните мрежи за криумчарење мигранти, се предупредува во Извештајот за тероризам на Европол.

Како што се наведува во извештајот, тие рути го вклучуваат источниот Медитеран, влезот во Грција од Турција и натаму патувања преку Западен Балкан до ЕУ.

Како што беше нагласено, осомничените терористи или насилните екстремисти, вклучително и поединци кои се враќаат од бојното поле, користат лажни документи добиени од криминални структури за да патуваат до или низ ЕУ.

Се наведува дека во 2021 година до Европол бил пријавен само еден насилен инцидент потенцијално поврзан со џихадизмот во Западен Балкан. Се појаснува дека албански државјанин е уапсен под обвинение за тероризам, откако со нож избодел пет лица во џамија во Тирана. Во текот на судењето, насилникот бил распореден во психијатриска болница.

„ Методите кои се користат за радикализација или регрутирање следбеници во регионот го одразуваат сложеното политичко сценарио во земјите од Западен Балкан, каде прашањата поврзани со етничкиот и верскиот идентитет се комбинираат со економските и социјалните тешкотии“, се вели во овој документ.

Исто така се вели дека радикализираните и екстремистичките групи во регионот се обично мали, лабаво организирани и водени од поединци кои се прифатени од членовите на групата како религиозни власти.

„ Според оценката на земјите од Западен Балкан, салафистичките групи и поединци кои се залагаат за ултра-конзервативни и екстремистички толкувања на исламот остануваат главни двигатели на радикализацијата во регионот. Во салафистичките заедници, забележано е дека проповедниците активни во “паралелни џамии“ и на неформални собири промовираат насилство, додека повратниците од Сирија и другите конфликтни области продолжија да шират џихадистички идеологии“, се вели во извештајот.

Неколку земји од Западен Балкан, како што се наведува, го потврдија трендот забележан во претходните години дека некои екстремистички групи се претставуваат како невладини организации (НВО) кои работат во хуманитарни цели.

„Во оваа позиција, тие собираат донации кои потоа се насочени кон поддржувачи или симпатизери на радикалните исламистички идеологии. Во некои случаи, овие групи воспоставија врски со мигрантските заедници кои потекнуваат од Западен Балкан во земјите на ЕУ. Во 2021 година, неколку осомничени се вратија од конфликтни области во земјите од Западен Балкан“, се наведува во извештајот на Европол.