17.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Пентагон: Украина доби нови воени авиони од сојузниците

Канада, Германија, Јапонија се меѓу земјите кои најавија помош за украинската одбрана. Тешка артилерија, авионски делови, гас-маски и опрема за заштита од хемиско оружје се дел од пратките кои треба да пристигнат во Киев
Сојузниците на Украина му дадоа на Киев дополнителни воени авиони за да ја зголеми флотата, како и авионски делови за да ги поправи оштетените, соопшти американското Министерство за одбрана.

„Тие добија дополнителни авиони и авионски делови за да имаат повеќе авион во воздух“, потврди портпаролот на Пентагон, Џон Кирби на брифинг со новинарите, кој посочи и дека авионите не се од Вашингтон туку од другите сојузници.

Ова следува откако американскиот претседател имаше заеднички разговор со канадскиот премиер Џастин Трудо, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот премиер Борис Џонсон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и лидерите на Италија, Полска и Јапонија.

Целта на овој онлајн разговор, како што соопшти Белата куќа, била „да се разговара за континуираната поддршка за Украина и напорите Русија да се смета за одговорна во кругот на сојузниците“.

Трудо, пак, како што пренесоа канадските медиуми, вети дека ќе обезбеди тешка артилерија за Украина. Претходно, воена помош најавија и другите сојузници.

Германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека Германија ќе продолжи воено и финансиски да ја поддржува Украина иако практично до максимум го испорача оружјето од сопствените резерви и сега работи со индустријата за вооружување.

„Производителите на воена опрема изјавија дека можат брзо да го испорачаат и дека на Украина ѝ е потребно противтенковско и противвоздушно одбранбено оружје“, рече Шолц на прес-конференција по учеството на средбата со западните сојузници.

Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши, исто така, најави помош. Како што рече, Јапонија ќе испрати гас-маски и соодветна облека за заштита од хемиско оружје со оглед на стравувањата на украинската војска дека Русија може да употреби вакво оружје.

„Продолжуваме да даваме колку што е можно поголема помош за украинската Влада“, рече Киши.
Јапонија дополнително ќе испрати и извидувачки беспилотни летала за потребите на украинската одбрана.

Спонзорирано: