20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Мишел им порача на руските војници: Ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето

Европската Унија порано или подоцна ќе мора да се откаже од рускиот гас и нафта за да изврши дополнителен притисок врз Русија да ја запре агресијата врз Украина, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Ги заоструваме санкциите за да го задржиме максималниот притисок врз Кремљ. Мислам дека порано или подоцна ќе бидат потребни мерки за нафтата, па дури и за гасот“ – рече Мишел во дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Европската комисија вчера предложи петти пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, забрана за приклучување руски бродови во европските пристаништа и најави дека работи на дополнителни санкции.

Мишел ги повика руските војници да го фрлат оружјето доколку не сакаат да бидат криминалци.

„Имаме порака до руските војници на фронтот: ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето, престанете да се борите. Ќе мора да има сериозни последици за одговорните за грозоморните злосторства. Путин не може и нема да победи во оваа војна“ – истакна Мишел.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во својот говор потврди дека петтиот пакет санкции сигурно нема да биде последен во кој ЕУ ќе продолжи да ги заостри мерките против Русија.

Таа ги предупреди руските власти дека одговорните за воените злосторства ќе мора да одат на суд.

„Сите видовме вознемирувачки слики од Буча. Еве што се случува кога трупите на Путин ја окупираат украинската територија и ја нарекуваат ослободување. Јас тоа го нарекувам воени злосторства и руските власти ќе мора да одговараат за тоа“ – изјави Фон дер Лајен.

Спонзорирано: