17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Анализа: Хаос и беззаконие во такси превозот во Скопје

На кого му одговара хаосот и дали граѓаните плаќаат поскапа услуга од реалната?

Во такси дејноста по светските метрополи веќе возат автономни такси возила, по европските метрополи возат само еколошки не постари од 5 години возила, во регионалните метрополи постои целосно уреден високо квалитетен еколошки такси превоз со вклучена либерализација (пазарно формирање) на цена и воведени виртуелни таксиметри какви што постојат насекаде во светот (без можност за никаква ценовна манипулација/крадење од страна на превозникот), а во Скопје владее тотален хаос во севкупната такси дејност и воопшто во такси превозот.

Општа позната флоскула е дека такси возилата се лицето на една земја, а квалитетот на такси услугата е олицетворение на функционалноста на системот во таа земја. Ова важи посебно за метрополите каде што редовно доаѓаат странски туристи, а кои за жал не можат да се пофалат од скопскиот такси превоз кој реално е на ниво на помалку развиена земја од афричкиот континент.

Во Скопје квантитативно доминираат такси превозници со просечна старост на возила од 20тина години, а често по Скопските улици може да се види и по некој раритет такси возило со старост од 30 но и 40 и повеќе години. Апсурдот е дотолку поголем што таканаречените „лиценцирани“ возила за такси превоз, во најголем дел од случаите се со оштетена каросерија, несоодветни пневматици кои не одговараат согласно законските прописи за конкретната временска сезона и кои што возила во најголем дел технички се полу исправни и се „само“ одржуваат односно се сервисираат нередовно и/или при настанување на некој дефект или возат додека не зарибаат, а за нивната внатрешна хигиена е излишно да се објаснува. Со оглед дека нема јасен критериум од аспект на квалитет на возило кое може да врши такси превоз, ваквите возила лесно го поминуваат техничкиот преглед при техничките станици заради што безбедноста на патниците е таква што речиси истата и да не постои, а ризикот по животот на патниците е огромен, при што, веројатно надлежните органи би преземале мерки за надминување на ваквата состојба само ако не дај боже се случи некој немил настан, а не превентивно да се спречат таквите потенцијални ризици.

Иронијата е таква што најголемиот дел од такси превозниците кои согласно обележјата од локалната власт (бело возило, жолт гепек, жолта хауба, шаховница, такси табла, залепена лиценца од Град Скопје и по ново жолти регистарски таблички) навидум се „легални“ такси превозници, но истите во најголем дел од случаите по земањето на лиценцата за вршење на такси превоз се трансформираат во неактивни правни субјекти (со цел да не плаќаат даноци и давачки) односно таквото возило врши такси дејност „лиценцирано на диво“ и со често практикување на директно крадење на граѓаните на Град Скопје кои користат ваква услуга. Постојат и такси возила кои се легално обележани, но се со истечени такси лиценци, а истите такси превозници продолжиле на диво да ја вршат дејноста без плаќање давачки и без пријавување на остварен промет. Лудилото во такси дејноста во Скопје е дотолку поголемо што покрај таканаречените условно кажано „лиценцирани“ возила за кои заклучивме дека поголемиот дел се de facto нелегални и возат на диво, постојат и редовни de jure и de facto диви такси превозници кои често можеме да ги видиме по скопските улици во црвена ,сива, плава или некоја друга боја на возила со ставена обична такси табла и без никакви обележја карактеристични за такси возило во Скопје (жолт гепек, жолта хауба, шаховница, такси табла, број на лиценца и по ново жолти регистарски таблички). Ваквите класични диви такси возила често можат да се видат во било кој период од денот, а најчесто во попладневните и ноќни часови како и за време на викенд и празници кога истите не очекуваат воопшто да има некаква инспекција која во пракса согласно наши извори од такси дејноста и речиси воопшто ја нема.

За да ја сфатиме суштината на проблемот во такси дејноста на Скопје треба да видиме каков вид на такси компании/здруженија во Скопје постојат. Имено на територијата на Град Скопје се издадени околу 3000 лиценци за вршење на такси превоз при што, постојат следниве форми на такси компании.

• Такси компании со сопствена позначајна флота на возила кои имаат свои вработени возачи – поседуваат околу 500 возила со регуларни такси лиценци и со исто толку активни возила

• Такси здруженија кои се состојат од многу поединци регистрирани како здруженија на граѓани (поединечно регистрирани возачи како ДООЕЛ или ТП) и кои ги поврзува само заедничкиот повикувачки број и радио фреквенција – севкупно во ваква форма се организирани околу 1500 возила со такси лиценци, но од нив активни се само половината

• Сопственици на повикувачки број и радио фреквенција кои можат но и не мора да имаат сопствени возила и лиценци кои што ги издаваат на членови во нивниот правен субјект за одреден месечен надомест – севкупно сочинуваат околу 500 членови од кои се активни околу 200 возила

Во услови на ваков систем на делување, организирање и функционирање на такси превозниците во Скопје и во услови на непостоење на контрола врз такси превозот од страна на надлежните органи – повеќето од горенаведените субјекти функционираат согласно свои правила, а не според законите и регулативата која е пропишана.

Јавна тајна е дека најголемиот дел од такси превозниците во Скопје во пракса сеуште (паралелно) користат стари таканаречени „црвени“ таксиметри кои што постоеја во дејноста пред да се воведат моменталните фискални таксиметри. Според нашите извори, измамата со нив се прави на тој начин што наместо регуларниот фискален таксиметар возачите го вклучуваат стариот „црвен“ таксиметар, при што се прави промет кој не се регистрира во платните системи на државата поради тоа што истите не се фискализирани и не се поврзани со УЈП а со тоа се оштетува буџетот на државата, но исто така се оштетуваат и граѓаните и сите странски гости на начин што во истите стари црвени таксиметри лесно се менува тарифата која е далеку повисока од моментално дефинираната тарифа од Град Скопје.

Зошто најголемиот дел од Скопските такси превозници не побараа раст на цена на такси превозот во услови на инфлација и енормен раст на сите трошоци поврзани со такси дејноста?

Дали во услови на енормен раст на цена гориво, зголемени трошоци за сервис за возила и драстично поскапени резервни делови и во услови на инфлација и постојан притисок од ценовен шок, како и зголемена минимална плата е логички да Скопските такси превозници не се за зголемување на цената на такси превозот во Скопје – се разбира дека не.

Согласно официјалната моментална важечка тарифа која што гласи стартна цена 40 мкд и секој нареден километар 25 мкд а минута чекање e 5 мкд, Скопје е метропола со најевтин такси превоз во цела Европа. За споредба во Белград главен град на земја која што не е дел од ЕУ и која што приближно има ист стандард како нашата земја стартната цена е 250 динари – што е околу 120 мкд а секој нареден километар е 73 динари – што е околу 37 мкд, при што во овој град постои и ноќна тарифа каде што поминат километар е со цена од 95 динари – што е околу 47 мкд како и тарифа за возења надвор од градот каде што поминат километар е со цена од 146 динари или околу 73 мкд.

Апсурдот е дотолку поголем што и други македонски градови во моментов имаат официјално поскап такси превоз од главниот град. Имено, во Гевгелија од 15.03 цената е зголемена и тоа стартна цена 80 денари и за секој нареден километар е 33 мкд, а чекањето минута е 6 мкд. Исто така, во овој град воведена е и ноќна тарифа со стартна цена 90 мкд и километар 35 мкд, како и празнична тарифа со стартна цена 100 мкд и 40 мкд за изминат километар. Во Куманово од 12.03 стартната цена е 80 мкд а за секој нареден километар е 40 мкд. Во текот на 02 и 03 месец од оваа година покачување на цената на такси превоз направија и градовите Битола, Штип, Кочани, како и останати градови од нашата земја. Интересно е што дури и автобускиот превоз во Скопје е условно кажано поскап од такси превозот во Скопје, затоа што доколку се купи едно возење во самиот автобус истото чини 50 мкд, а за споредба стартната цена на такси превозот е 40 мкд и е поевтин превоз во рамките на 1 километар од моменталниот јавен автобуски превоз во Скопје.

Согласно наши извори и информации добиени директно од такси фелата една од можностите е дел од такси компаниите во Скопје да ги имаат штелувано фискалните таксиметри со цел истите да куцаат поголема вредност односно да се наплати поголем износ од патникот. Надлежност за такси компаниите е под диреткан палка на локалната самоуправа. Ваквата манипулација е казнива со затворска казна но и покрај тоа поради немање на контроли, такси превозниците се решаваат на вакви манипулации и со тоа се прави како оштетување на патниците така и на државниот буџет преку манипулација на таксиметрите.

Ако продолжи хаосот во такси дејноста во Скопје и игнорирањето на проблемот од страна на локалната власт, ниту некој во иднина ќе инвестира во такси превозот во Скопје ниту ќе имаме поквалитетен превоз, а оние малубројни целосно легални такси превозници ќе бидат принудени или и тие да станат нелегални и да вршат незаконски дејствија како останатите или да инвестираат надвор од нашата земја во истиот или друг бизнис.

За жал со сето ова најмногу губат граѓаните на Скопје и тоа преку неквалитетна такси услуга и оштетување на нивниот џеб и со нарушено здравје од загадувањето кое го прават најголемиот дел од такси возилата кои имаат огромна старост.