26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Франција блокирала имот на руски олигарси во вредност од речиси 850 милиони евра

Франција на својата територија блокирала имот на руски олигарси во вредност од речиси 850 милиони евра, од почетокот на војната во Украина.

Има сè, од јахти и станови до банкарски сметки, изјави денеска министерот за економија и финансии Бруно Ле Мер.

„Блокиравме лични сметки на физички лица во вредност од 150 милиони евра, како и кредитни линии во Франција, односно во француските институции“, изјави тој, при гостувањето во емисијата „Grand Jury“.

„Дополнително, замрзнавме недвижен имот во вредност од 539 милиони евра на француска територија, што е еквивалент на триесет недвижнини или станови, а блокиравме и две јахти од 150 милиони евра“, прецизираше министерот.

Севкупно се работи за вредност од околу 850 милиони евра имот на руски олигарси што е блокиран на француска територија, посочи Ле Мер.

Во практика, блокадата на стоки и имот значи дека нивните сопственици повеќе не можат да ги користат, препродаваат или да ги уновчат. Од друга страна, тие не се одземаат за државата да стане нивен сопственик и потоа да ги препродава.

„За да се одземат стоки и вредни предмети мора да постои сомнеж за кривично дело“, објасни министерот.

„Санкциите ѝ штетат на Русија, на руската држава и на рускиот претседател Владимир Путин“, рече Ле Мер, додавајќи дека досега се блокирани околу 22 милијарди евра активни средства на Централната банка на Русија.

Од почетокот на руската офанзива против Украина на 24 февруари, западните земји усвоија неколку пакети на економски санкции, на што Русија одговори со контрамерки.