34.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Јанша: Рускиот гас ќе го замениме со гас од Алжир

Словенија ќе го замени природниот гас од Русија со гас од Алжир, а подготвена е да ги активира и резервите на нафтени деривати доколку е потребно, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, а пренесува порталот Siol.net.

Одговарајќи на критиките од опозицијата дека неговата влада не одговорила адекватно на ескалацијата на цените на нафтата и природниот гас поврзана со украинската криза, Јанша вели дека министерот за надворешни работи, Анже Логар, неодамна постигнал договор во Алжир што ќе ѝ дозволи на Словенија да го земени природниот гас од Русија со алжирски.

„Мислам дека договорот ќе биде потпишан набргу, а тој обезбедува целосно снабдување со гас за помалку од една година. Имаме доволно енергетски резерви кога станува збор за нафтените деривати и можеме да интервенираме доколку дојде до целосен застој“, додава словенечкиот премиер.

Трансмедитеранскиот гасовод го поврзува Алжир со Италија. Овој гасовод има можност за дополнителен капацитет за зголемување на испораките во Европа, а Алжир во Европа со танкери испорачува и течен гас до терминалите за ЛНГ.

Поради наглиот раст на цените, словенечката влада привремено ги замрзна цените на нафтените деривати на 30 дена, но Јанша тврди дека поради постепеното намалување на цената на суровата нафта на берзите, оваа регулатива всушност ќе трае пократко и дека сегашните цени ќе паднат.-