25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

(Видео) Силно невреме ja погоди Велика Британија – ветрот урива сѐ пред себе

Силната бура Јунис пристигна во петокот во Обединетото Кралство, а ветерот достигна брзина од 200 км/ч.

Овој циклон се карактеризира со удари на ветер од речиси 200 километри на час, што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во одредени делови од земјата.

Британската метеоролошка служба соопшти дека на островот Вајт, кога бурата Јунис го погоди југот на земјата, забележан е налет на ветер со брзина од 196 километри на час, што се смета за најсилниот досега забележан во Англија.

Населението на Обединетото Кралство повторно беше принудено да остане во своите домови, но овојпат не поради епидемијата на коронавирус, туку за да се заштитат од силното невреме кое пристигна од Атлантскиот Океан.

Премиерот Борис Џонсон изјави дека армијата е подготвена да им помогне на оние кои ќе бидат погодени од бурата Јунис. Во државата Велс на западот на Обединетото Кралство, во градот Сомерсет, бурен ветер ја уништи кулата на црквата Свети Томас, која била изградена во средината на 19 век. Видеото објавено на Твитер, на кое се гледа уривањето на црковната кула, има два милиони прегледи.

Во сила е црвен метеоролошки аларм што е најсериозно метео предупредување, а поради пролетната плима се очекуваат и големи поплави долж бреговите на јужна и западна Англија. Метеоролозите рекоа дека постои висок ризик од „летечки отпад што може да биде опасен по живот“ и „оштетување на згради и куќи, со срушени покриви и далноводи“.

Да потсетиме, маж во Ирска се здоби со повреди откако дрво падна врз него додека ги отстрануваше урнатините по бурата Јунис, а на аеродромот Хитроу беа забележани страшни моменти, додека ветрот ги тресеше авионите и се закануваше да ги урне.

Невремето ечеше и низ Холандија, каде две лица загинаа кога врз нив паднаа дрвја.

Јунис денеска ја погоди и Белгија, а 79-годишен англиски државјанин загина во градот Ипрес, недалеку од брегот на Северното Море, кога силен ветер го турна од чамец во водата, јавија локалните медиуми.