20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Француски министер: Почнуваме целосна економска војна против Русија

Русија ќе се соочи со колапс на економијата како резултат на западните санкции, кои ја казнуваат Москва за нејзината инвазија на Украина, изјави денеска францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер.

„Ќе почнеме целосна економска и финансиска војна против Русија. Ќе предизвикаме колапс на руската економија“, изјави Ле Мер за радиото „Франс инфо“.

Соединетите Американски Држави и нивните сојузници воведоа санкции кон руската централна банка, водечки руски бизнисмени и функционери, вклучително и самиот претседател Владимир Путин, а исто така им забранија на некои руски банки пристап до меѓународниот платен систем SWIFT.

Руската рубља вчера забележа драстичен пад за денеска да врати дел од загубите.

Денеска е шестиот ден од руската инвазија на Украина. Двете земји го одржаа првиот круг од мировните преговори во понеделникот, а во меѓувреме продолжија жестоките борби во неколку украински градови.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот наутро најави „почеток на специјална воена акција“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од Европската Унија итен прием и ги повика руските војници да дезертираат.

Преговорите меѓу двете конфликтни страни се водеа во Белорусија.