23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Илјадници демонстранти пристигнаа во Париз, полицијата подготви оклопни возила и водени топови

Илјадници противници на епидемиoлошките мерки воведени во борбата против пандемијата на Ковид-19 стигнаа во предградијата на Париз утрово, откако полицијата ги спречи да влезат во градот.

Речиси 7.200 полицајци и жандарми „ќе бидат распоредени во следните три дена за да спроведат забрана за минување на колони возила“, соопшти париската полиција.

Полицијата на „Твитер“ го покажа својот арсенал против блокада, објавувајќи фотографии од механизацијата, возила опремени со кранови или водени топови за спречување на демонстрантите.

Оклопни возила на жандармеријата исто така се распоредени на улиците на главниот град за прв пат по протестите на „Жолтите елеци“ кон крајот на 2018 година.

Премиерот Жан Катекс вети дека ќе истрае во спречувањето на блокадата на градот.

„Ако го блокираат сообраќајот или ако се обидат да го блокираат главниот град, ние мора да бидеме многу цврсти во врска со тоа“, инсистираше тој на телевизијата „Франс 2“ во петокот.

Инспирирани од канадските возачи на камиони кои го парализираат пограничниот сообраќај со Соединетите Држави, меѓу демонстрантите се и анти-ваксери, но луѓето исто така се бесни на брзиот пораст на цените на енергијата.

Стотици автомобили, кампери и комбиња од Лил, Стразбур, Шатобур и други места застанаа пред портите на Париз во петокот вечерта, но според полициски извор, ниту една колона не влегла во главниот град.

Тие бараат укинување на сертификатите за „Ковид“, кои се потребни за пристап до многу јавни простори, и дополнителна помош за плаќање на сметките за енергија.

„Луѓето треба да нè видат и да слушнат дека сакаме да живееме нормален и слободен живот“, рече Лиза, 62-годишна пензионирана здравствена работничка која се придружи на конвојот од повеќе од 1.000 возила од Шатобур во петокот рано наутро.

Како и другите демонстранти, Лиза беше активна во движењето „Жолти елеци“ што избувна поради зголемувањето на данокот на гориво пред да се претвори во протестно движење против претседателот Емануел Макрон.

Само два месеци пред претседателските избори и со влада очајна да избегне сцени на насилство во главниот град, Макрон во петокот рече дека го разбира „заморот“ поврзан со пандемијата на Ковид-19.

„Овој замор води и до гнев. Го разбирам и го почитувам. Но повикувам на најголема смиреност“, изјави тој за весникот Ouest-France.

Полицијата процени дека до петокот попладне имало 3.300 возила.

Париската полиција забрани собири поради „нарушување на јавниот ред“ и соопшти дека демонстрантите кои се обидуваат да ги блокираат патиштата ќе бидат казнети или уапсени.

Наредбата за забрана за собирање на конвојот беше потврдена во петокот од судовите, кои отфрлија две жалби.

„Тоа е предавство. Одлуката не ги почитува законите, слободата на демонстрации“, изјави за АФП, Софи Тисиер.

Премиерот, пак, рече дека правото на протест и да се има мислење е уставно загарантирано право, но правото да се блокираат другите или да се спречи доаѓањето и заминувањето не е.

„Важно е да не им пречиме на другите луѓе на патиштата“, рече активистот Робин на пат од Илкирх-Графенштаден во источниот регион Алзас. „На тој начин ќе го задржиме населението на наша страна, како што направија во Канада.

Некои потоа сакаат да отпатуваат во Брисел на „европскиот собир на демонстранти“ закажан за понеделник.

Фил, 58-годишен маж кој тргна со камион од Бретања, рече дека неговото одбивање да се вакцинира ги променило односите во неговото семејство и деловните контакти.

„Кога ќе се приклучите на демонстрациите, се чувствувате помалку осамени“, изјави тој за АФП.

Спонзорирано: