26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Грција во следните два месеца ќе врати седум милијарди евра од нејзините долгови

Грција планира да врати повеќе од 7,0 милијарди евра заеми од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и партнерите од еврозоната во следните два месеца, пари кои ги доби за да спречи банкрот за време на финансиската криза, изјавиле двајца грчки претставници за „Ројтерс“.

Соговорниците, кои сакале да останат анонимни, за британската новинска агенција изјавиле дека Министерството за финансии пред истекот на рокот ќе врати 1,8 милијарди евра долг на ММФ, што е преостанатиот дел од вкупно 28 милијарди евра што овој меѓународен кредитор ги обезбеди за Грција во два пакета за помош помеѓу 2010 и 2014 година.

Дополнително, до крајот на првиот квартал од оваа година ќе бидат отплатени околу 5,3 милијарди евра заеми одобрени од грчките партнери во еврозоната, а кои доспеваат во 2022 и 2023 година.

„Планираме да ја завршиме отплатата во следните два месеца“, изјавил еден функционер за „Ројтерс“, додека другиот рекол дека тоа ќе и помогне на Грција да го намали уделот на долгот во бруто домашниот производ, сигнализирајќи им на пазарите дека грчката економија е силна и здрава.

Од 2010 до 2015 година, Атина доби три пакети финансиска помош од Европската унија и ММФ, во вкупен износ од над 260 милијарди евра.

Грција му отплати на ММФ околу 6,0 милијарди евра пред крајниот рок во 2019 и 2021 година, а има уште 1,8 милијарди евра неплатени кредити кон Фондот, чиј рок на отплата е до 2024 година.

Владата, исто така, минатата година започна со првите отплати на заемите за спас од партнерите од еврозоната и сака да го забрза темпото на отплата на долгот.