12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
СВЕТТОП ВЕСТИ

Америка го отфрли барањето на Русија за членството на Украина во НАТО

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, рече дека тие одговориле негативно на барањето на Русија, а се однесува на тоа Украина да не биде примена во НАТО и дека нема промени во политиката на отворени врати на алијансата.

Блинкен на прес-конференција во американскиот Стејт департмент потврди дека денеска им го предале писмениот одговор на руските безбедносни понуди.

Наведувајќи дека нема да ги сподели со јавноста деталите од писмениот одговор, Блинкен нагласи дека сакаат дипломатијата со Русија да продолжи во рамките на добрите намери.

Блинкен рече дека ги објасниле и областите каде што би можеле да работат со наоѓање заеднички јазик со Русија, додавајќи:

„Идентификувавме други области, каде што гледаме потенцијал за подобрување на соработката. На Русија ѝ понудивме дополнителен договор, покрај договорот за нов почеток, за намалување на стратешкото оружје во Европа, вклучително и нуклеарните ракети, со цел да се зголемат транспарентноста и стабилноста“.

Нагласувајќи дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат безбедноста на Украина, Блинкен рече дека неделава испратиле 283 тони воена помош во Киев и дека во наредните денови би можеле да достават дополнителни количества.

„Ние го повторуваме она што го кажуваме со месеци. Ќе ја продолжиме политиката на отворени врати на НАТО. Нема промена во нашиот став. Дебатата за политика на отворени врати не е нешто што САД би го направиле еднострано. Мислам дека не можам да бидам појасен од тоа, продолжува политиката на отворени врати. Ова е нашата посветеност“, изјави шефот на Стејт департментот, Антони Блинкен.

Тој додаде дека ќе ги информира членовите на Конгресот за писмениот одговор до Русија.