25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Одбиено барањето на косовскиот заменик-министер за посета на осудените за „Диво Насеље“

Одбиено е барањето на косовскиот заменик-министер за правда, Блерим Салаху, за посета на осудените во случајот „Диво Насеље“.

Од Управата за извршување на санкциите информираа дека во согласност со член 199 став 1 и 2 од Законот за извршување на санкциите осудените лица – странски државјани, кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните установи во Македонија, може да бидат посетувани од конзуларен претставник сообразно со правилата на меѓународното право под услови на реципроцитет.

„Конзуларниот претставник е должен претходно да ја најави и закаже посетата во установата во која лицето ја издржува казната затвор. Во случајот Амбасадата на Република Косово се обратила со барање да му се овозможи на заменик-министерот за правда на Република Косово да ги посети косовските државјани што издржуваат казна затвор во КПД ‘Идризово’, а од слобода се лишени на 9.5.2015 година во Куманово. Во согласност со наведеното, Управата за извршување на санкциите смета дека заменик-министерот за правда не е конзуларен претставник на својата држава во Македонија, туку е политички претставник на Косово – именуван функционер, кој не е истовремено овластен да биде конзуларен претставник на Косово за што треба да исполни посебни услови предвидени со меѓународното право. Од оваа причина, почитувајќи го законот, Управата за извршување на санкциите ве известува дека не сме во можност да ја дозволиме бараната посета на осудените лица наведени погоре во текстот“, се наведува во соопштението од Управата за извршување на санкциите.

За настаните во „Диво Насеље“ во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица, кои се товарат за сторени кривични дела терористичка организација и тероризам. Сите обвинети пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Случајот подоцна се спои со „Молња“, во кој се водеше постапка против осум лица, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37. Во 2015 година во кумановската населба Диво Насеље животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а убиени беа и десет члена на вооружената група.