19.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Ќе се кандидирам за претседател на СДСМ, подготвен сум да преземам одговорност

Актуелниот заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски во текот на вчерашниот ден потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ.

Денеска во интервју за МИА тој посочи дека подготвен е да преземе одговорност, но како што вели СДСМ е голема партија и во неа има многу способни луѓе кои можат да бидат кандидати.

„Без разлика дали и колку други кандидати ќе има, очекувам достоинствена политичка дебата и избор на ново раководство кое ќе значи нова енергија за партијата, но и за државата. Во овој процес многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените. Верувам дека со нова стратегија и реорганизација на партијата брзо ќе ја вратиме и зголемиме поддршката. Јас сум ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги сметам за многу непродуктивни. Затоа во мојата комуникација ќе обединувам наместо да делам, а внатрепартиската дебата од моја страна ќе биде исклучително конструктивна“, истакна Ковачевски.

Тој додава дека во партијата сега повеќе од било кога сите си се потребни.

„Ќе треба да се научиме да се критикуваме за слабостите и да извлекуваме поука од нив за да ги менуваме работите кон подобро. Но исто така и да се почитуваме за стореното и да не забораваме. Сите сегашни и минати функционери во одреден период придонесувале и работеле во интерес на граѓаните и сите тие мора да бидат почитувани од страна на новото раководство. Јас сум член на СДСМ од 1994 година и во изминатите речиси 30 години сум имал прилика да соработувам со сите минати раководства. Идниот претседател на СДСМ мора да има план како да ги вклучи и да ја обезбеди нивната поддршка. Самите избори пак мора да ги спроведеме ефикасно и демократски, а потоа да се фокусираме на решавање на проблемите од интерес на граѓаните. Тоа граѓаните го очекуваат од нас како партија, а не да се занимавме со бескрајни дебати и јас тоа нема да го дозволам. Граѓаните бараат решенија и работа“, вели Ковачевски.

Спонзорирано: