Две поголеми групи мигранти наводно успеале да ја пробијат оградата на границата меѓу Белорусија и Полска. Неколку десетици луѓе успеале да урнат ограда кај селата Кринки и Бјаловија и да ја преминат границата, јави полската агенција ПАП. Како што се наведува, и во двата случаи блокадите биле насилно пробиени.
Портпаролот на локалните граничари изјави дека и во двата случаи мигрантите во напад ги уништиле оградите и бариерите на границата, пренесува ТАСС.
Некои мигранти се заробени и вратени на територијата на Белорусија, додека други останале во бегство.
Kuźnica: próba sforsowania polskiej granicy pic.twitter.com/kqCkLPdsiK
— Ministerstwo Obrony Narodowej 🇵🇱 (@MON_GOV_PL) November 8, 2021
Тензиите се зголемуваат во последните неколку дена на границата меѓу Белорусија и Полска, каде мигрантите се обидуваат да стигнат до Европската унија.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки вчера ја опиша бегалската криза на границата со Белорусија како нов тип на војна и дел од „координиран напад“, обвинувајќи ја белоруската страна за намерно ослободување на мигрантите.
Од друга страна, официјален Минск смета дека неосновани се обвинувањата на Варшава дека белоруски војници ја минуваат границата со Полска, соопшти белоруското Министерство за одбрана.