24.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бајден и Макрон телефонски ќе разговараат за спорот околу подморниците

Францускиот претседател, Емануел Макрон и неговиот американски колега, Џо Бајден, во наредните денови ќе разговараат телефонски за неуспешниот договор за подморници, објавија француските власти по ненадејниот раскол меѓу Франција од една страна и САД, Велика Британија и Австралија од друга.

Австралискиот премиер, Скот Морисон, денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција што Канбера го откажа договорот за купување француски подморници во корист на сојузот со САД и Велика Британија, но нагласи дека Австралија треба да ги заштити своите интереси.

„Претседателот Бајден побара разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и тој ќе се одржи во наредните денови“, изјави портпаролот на француската влада, Габриел Атал.

Австралија, Велика Британија и САД во средата објавија формирање на трилатерална безбедносна алијанса АУКУС за зајакнување на одбранбената соработка во Индо-Пацификот, која предвидува флота од нуклеарни подморници што Австралија ќе ги изгради со американска помош.

Поради таа одлука, Канбера се откажа од договор вреден 40 милијарди долари со француска компанија која требаше да изгради флота од подморници, на што Париз жестоко реагираше и ги повлече своите амбасадори од САД и Австралија.

„Сакаме објаснувања за нешто што изгледа како изиграна доверба и сакаме да знаеме како тие имаат намера да излезат од овој договор“, рече Атал за БФМТВ.

Новата британска министерка за надворешни работи, Лиз Трус, која ја презеде функцијата среде голем дипломатски спор и по реконструкција на владата, го бранеше новиот сојуз во неделното издание на „Телеграф“.

„Слободите мора да се бранат. Ние градиме силни безбедносни врски низ целиот свет“, посочи Трус.

„Освен нуклеарните подморници, воената употреба на вештачка интелигенција треба да се прошири со Австралија и Соединетите американски држави“, додаде таа.

Но, Франција гледа на новиот сојуз не само во светлината на загубата на договорот вреден повеќе милијарди долари, туку и како товар за НАТО и предизвик за ЕУ.

„Исто така, мора да ја доведете во прашање и силата на сојузот со САД“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, во саботата навечер.

„Во вистински сојуз, луѓето разговараат едни со други и се почитуваат, но тоа не е случај овде“, рече Ле Дријан, кој предупреди дека има сериозна криза меѓу двете земји, но и со Австралија, додавајќи дека во еден сојуз нема простор за лицемерие презир и лаги.

Експертите веруваат дека на Австралија ќе ѝ требаат 10 до 20 години за изградба на подморници бидејќи земјата нема соодветна инфраструктура за нуклеарна технологија, како и нуклеарни експерти.