12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАСВЕТ

Фаучи: Делта-сојот доминира во светот, имаме работа со застрашувачка варијанта

Во САД има раст на бројот на новозаразени и на смртни случаи, од кои повеќето се во средините каде има ниска стапка на вакцинација, па затоа властите апелираат до населението да се имунизира потенцирајќи дека вакцините се покажале како ефикасни
Делта-сојот сега е доминантен во светот и го следи раст на смртните случаи во САД, речиси сите невакцинирани, предупредија официјалните здравствени лица во Соединетите Американски Држави.

Директорката на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ), Рошел Валенски, рече дека во САД за 70 проценти се зголеми бројот на новозаразени во споредба со минатата недела, а бројот на смртни случаи во средините каде има ниска стапка на вакцинација е зголемен за 26 отсто. Кога станува збор за хоспитализираните пациенти, дури 97 отсто од нив, се невакцинирани.

Најголем пораст на нови случаи има во Арканзас, Флорида, Луизијана, Мисури и Невада, држави кои имаат подпросечна стапка на имунизирано население во споредба со останатите.

„Ова станува епидемија на невакцинираните“, вели Валенски.

На брифингот со новинарите, како што јавуваат медиуми, зборувал и водечкиот американски експерт за инфективни болести, Ентони Фаучи, од кого и доаѓа изјавата дека делта-сојот доминира со светот.

„Делта-варијантата, која е значително позаразна од првичниот сој на ковид-19, е детектирана во повеќе од 100 земји на глобално ниво и сега таа доминира ширум светот. Имаме работа со застрашувачки сој“, изјави Фаучи.

Од тие причини, американските здравствени власти го повикуваат населението да се вакцинира потенцирајќи дека вакцините и на „Фајзер“ и на „Модерна“ се ефикасни против оваа варијанта.