20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

НАТО е загрижен за руската акција, се солидаризира со Чешка

НАТО изрази целосна солидарност со Чешката Република, која протера 18 руски дипломати и изрази длабока загриженост за руската акција во евро-атлантската област.

„Сојузниците се длабоко загрижени за дестабилизирачката акција што Русија продолжува да ја спроведува низ целата евро-атлантска област, вклучувајќи ја и територијата на aлијансата и изразува целосна солидарност со Чешката Република“, се вели во соопштението на НАТО.

Чешкиот министер за надворешни работи, Јакуб Кулханек, го информирал Северноатлантскиот совет, составен од амбасадори на земјите членки, за активностите на руското разузнавање што доведе до експлозија во складиште за муниција во 2014 година во чешкиот град Врбетице. Во експлозијата загинаа две лица и се предизвика голема материјална штета.

Според изјавата на НАТО, министерот Кулханек потврдил дека чешките власти идентификувале двајца руски разузнавачки оператори одговорни за експлозијата и дека меѓу нив е истото лице што го барала Велика Британија во врска со нападот во Солисбери, Англија, во 2018 година, кога е користен нервен отров „новичок“.

Затоа Чешка протера 18 агенти на руската разузнавачка служба и размислува да донесе нови мерки.