22.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација/Pixabay
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

Хелсиншки комитет: Владата да му стави крај на профитерството на приватните болници

По повод Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува денеска, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја реафирмира заедничката реакција на стотина организации од ноември 2020, а со која се повика на ставање крај на профитерството во време на пандемија.

„Со оглед на тоа што посочените барања и препораки не наидоа на одговор од надлежните институции, а во моментов се наоѓаме во екот на третиот пандемиски бран, повторно апелираме:

– Државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со Ковид-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување.

– Предлагаме Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR-тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците, односно нивно рефундирање.

– Очекуваме Фондот за здравствено осигурување да склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со Ковид-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази“, се наведува во соопштението на комитетот.

Од таму додаваат дека во услови кога здравствената криза е придружена и со силни економски и социјални последици за граѓаните, приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право.

„Здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита. Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците за третманот, има право да биде ослободен од тие трошоци“, порачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од оваа организација ја повикуваат Владата во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници, во услови на криза, на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од Ковид-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на, како што се вели, профитерството во криза од вакви размери.

Спонзорирано: